Срамно е СДС да зборува за покачување на платите на наставниците и да се поставува во улога на нивен заштитник, кога во буџетот не оставија средства за исплата ниту на основните плати до крајот на календарската година. Манипулираат со податоци за покачувања на плати, кои патем, инфлацијата што самите ја создадоа, целосно ги анулираше и како и сите други граѓани, така ги доведе и наставниците во исклучително тешка економска положба, реагира владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

СДС и нивниот коалиционен партнер ДУИ буџетот за образование за 2024 година го потрошија во првите 6 месеци од годината. Новото раководство на министерството наследи буџетски дефицит од 5 милијарди денари. Немаше пари ниту за исплата на основните плати на наставниците, а не пак за нивно покачување. Иако во СДСМ се свесни дека наставниците го знаат ова, немаат проблем да се претставуваат како нивни поддржувачи, се вели во реакцијата.

Новата Влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ со ребалансот на буџетот обезбеди средства во износ од 900 милиони денари за да можат наставниците да добиваат плата до крајот на тековната година. Во новиот буџет веќе се предвидени и средства за нивно зголемување следната година.

Освен на подобрувањето на материјалниот статус на наставниците, програмата на Владата предвидува и повеќе можности за кариерен и професионален развој, значително подобрување на условите за работа, како враќање на општествената вредност и почит кон наставничката професија, истакна ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.