Судир меѓу министерот Османи и експертите во министерството за надворешни работи во однос на преговорите со Софија. Бугарите објавија записник кој открива разногласие во Скопје, но и во Софија во однос на тоа како се водат преговорите меѓу двете земји, објави Алфа.

Лидерот на бугарската партија „Преродба„ Костадин Костадинов, неодамна на Фејсбук објави дел од записникот од средбата меѓу бугарската шефица на дипломатијата Генчовска и еврокомесарот Вархеји каде се сугерира дека постои разлика меѓу позициите на бугарскиот премиер и на шефицата на дипломатијата, но и поважно за нас, разлика меѓу „наративот“ на шефот на македонската дипломатија и експертите во македонското МНР. Костадинов објави и фотографија на која се чита дел од содржината на споменатиот записник.

Министерката Генчовска го извести комесарот Вархеји за спроведените разговори на 11-ти февруари 2022 година, меѓу МНР на Бугарија и на РСМ, во рамките на кои е констатирано затврднување на позициите на Скопје, вклучително и отстапување од веќе дадени предлози. Забележано е несовпаѓањето, кое го гледаме во наративот на политичко ниво од страна на министерот Бујар Османи, кој пројавува конструктивност, и позициите, бранети на експертско ниво од МНР на РСМ. Следува да се обмисли решението за отворените прашања да биде барано на политичко ниво меѓу министрите за надворешни работи на двете земји, стои во делот од објавениот записник.

Во прилог на тезата дека има разногласие во Скопје и во Софија меѓу политичките лидери и дипломатските експерти оди и изјавата на Европратеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев, кој во разговор за Бгнес, се осврнува токму на тоа дека премиерите и министерствата застапуваат различни ставови.

Дури и во однос на Македонија, ние зборуваме со различни гласови. Едно се дискутира во Министерството за надворешни работи, друго од премиерот и неговиот кабинет, а трето од коалицискиот партнер БСП.

Останува нејасно и која е улогата на екс-премиерот Зоран Заев, кој откако целосно го снема од јавноста и нема искажано став за многу поважни теми како Украина, економската криза и слично, одеднаш викендов се појави во Анталија, и тоа со фотографија од средбата со Петков. За што разговарале и дали воопшто е зачната темата Македонија и ветото не се знае, затоа што ниту Заев, ниту Петков не споделија некоја дополнителна информација.

Имајќи в предвид дека од доаѓањето на власт, па се до негово повлекување, Заев беше предводник на преговорите со Бугарија, така што повеќе од сигурно е дека на таа тема разговарал и со Петков.

За што зборувал поранешниот македонски премиер Зоран Заев со актуелниот бугарски премиер? Дали Владата била известена за средбата и за содржината на разговорите?

Опозицијата подолго време предупредува дека Зоран Заев од позадина се уште ги влече конците во партијата и во државата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.