Иако пред околу 4 часа генералниот секретар на владата Мухамед Зекири влезе во Кривичниот суд заедно со својот адвокат на распит по обвинението за злоупотреба на службена положба и овластувањето, судијата на претходна постапка се уште не го започнал процесот, дознава „Слободен печат“.
Во меѓувреме во судот се појави неговата сопруга Бисера која му го донела пасошот како и храна поради предолгото чекање во судот.
Доколку осомничениот Зекири не се појавеше сам во судот, имаше наредба да биде приведен со полициска придружба.
Јавното обвинителство денеска побара притвор за осомничениот Зекири, поради можност за бегство, а притворот може да биде и куќен наместо во келија во истражниот затвор поради што ќе му биде одземена патната исправа.
Зекири по објавата за обвинението соопшти преку Фејсбук дека си поднесува оставка од функцијата генерален секретар на Владата, која му е прифатена од страна на премиерот Димитар Ковачевски.
Според обвинението, осомничениот Зекири во периодот од април 2021 година до јануари 2022 година, со искористување на службената положба, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.
Со преземените дејствија, осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, на штета на Буџетот на Р.Македонија, износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.