Во допис до медиумите, разочарани членови на политичката партија Левица велат дека партијата е во криза поради погрешните политики и клиентелизмот на раководството.

Нивната реакција следува по објавата на Дарко Масларковски, познат како „Пука козметика“ кој е советник во општина Аеродром и прв човек на огранокот на Левица во оваа скопска општина, а во која тој информираше дека е разочаран од случувањата во партијата и се откажува од членството.

– Ова што се случува во Левица е внатрепартиска криза која трае повеќе од една година. Минатата недела суспендиран од партијата беше Бранко Ристов кој истовремено е претседател на Советот во Карпош. Тој е разрешен од сите партиски функции и повеќе не е член на највисокото раководство (президиум).

Минатата недела се повлече и носителот на листата во Гази Баба – Дарко Стојановски кој беше член на Централниот комитет. Претходно и советникот Орде Маневски од Гази Баба си поднесе оставка, во екот на внатрепартиската криза.

Советникот во град Скоје, Александар Николовски, исто така ја напушти советничката група на Левица во Советот на град Скопје.

Пред еден месец разрешен беше и Методија Костоски од локалниот огранок во Прилеп кој беше приморан да си даде оставка и од советничкото место.

Претходно, оставки си поднесоа и модераторите на Прилеп, Кичево, Дојран, Ново Село, Карпош, Илинден, Аеродром…

Изминатите неколку месеци повеќе модератори на локални ограноци си поднесоа оставки а во повеќе ограноци има кризи. Распаднати ограноци се Штип, Кочани, Куманово, Прилеп, Охрид, Тетово, Гостивар, Кичево, Кисела Вода, Илинден, Гази Баба, Бутел, Ѓорче Петров, Карпош, Центар…

Незадоволството произлезе поради кадровските политики на президиумот и вметнувањето на непознати членови на високи функции кои имаат сомнително минато, се вели во реакцијата на разочараните членови од Левица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.