Бугарија очекува искажаната желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Гордана Сиљановска Давкова да стане конзистентна политика на Владата на Република Cеверна Македонија. Ова, како што соопшти кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев, е ставот што тој ѝ го пренел на македонската претседателка на на денешната средба во Софија.

На средбата, Радев истакнал дека дијалогот на највисоко ниво меѓу двете земји треба да биде активен и да ја стимулира работата на владите, бизнисите, како и билатералната размена во областа на образованието, науката и културата.

Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со РСМ и очекува таа не само да помогне во билатералното културно зближување и економската соработка, туку и преку неа да се постигне решение за отворените прашања во нашите односи. За нив мора да се одлучува врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, протоколите потпишани кон него и Заклучоците на Европскиот совет од летото 2022 година, усвоени едногласно од сите земји-членки на ЕУ и со согласност на РСМ, нагласи Румен Радев, се наведува во соопштението од кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев издадено по средбата со македонската претседателка Гордан Сиљановска Давкова.

Бугарскиот претседател додал дека ова е начин да се отвори преговарачкиот процес за целосна европска интеграција на Македонија „во интерес на младите во земјата, а тоа ќе биде позитивен знак за целиот регион“.

Радев повикал и на многу поактивни заеднички напори од страна на Бугарија и на Македонија за изградба на транспортниот Коридор 8, кој е, како што нагласил, од клучно значење за поврзаноста и безбедноста во Југоисточна Европа и ќе создаде квалитативно нови услови за бизнис, туризам и поттикнување на инвестиции во регионален план.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.