„Нашата работа е за во јавност, а не за пред колегите”, „Новинарството на удар, ние сме обединети”, „Модуларно судство”, „Цензори во име на моќниците” и „Осудени за вистината” се дел од паролите со кои денеска пред Граѓанскиот суд во Скопје новинарите одржаа протест поради пресудата за Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ). Протестот е организиран од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Биљана Настеска Каланоска од ЗНМ на протесот изјави дека ќе испратат барање до судиите од граѓанскиот и апелациониот суд за поголемо разбирање и сериозност, внимателност во постапките и тужбите против новинарите и медиумските работници во државата.
Бараме со голема сериозност да се земаат во предвид одлуките на Советот за етика во медиумите на Македонија, како и одлуките на Советот на честа во насока на кредибилитетот и интегритетот на новинарите и медиумските работници во државата, додаде Настеска Каланоска.
Како што потенцираше, постои можност за организирање на обуки за градење на капацитетите на судиите за да се избегнат вакви ситуации со девалвирање и омаловажување на интегритетот на новинарите.
Новинарот Сеад Ризвановиќ на протестот изјави дека не може некој во државата да оценува дали се новинари или не. Како што рече, станува збор за скандалозна одлука на судиката и на судот.
Сите ние сме ИРЛ, сите ние сме Сашка Цветковска, ова се работи за сите нас. Скандалозна одлука на судиката, скандалозна на судот, нешто што со години и години се повторува. Се повторува повторно пресудата за 27 април, каде исто така судот оцени дека колегите што биле во Собранието не можеле да докажат дека се новинари. Дали судот учи нешто од историјата, од минатото.. Гледаат ли дека не можат да ја победат слободната мисла, не можат да го победат слободниот говор, порача Ризвановиќ.
Како што рече, целта е да ги замолчат и да не истражуваат. Но, посочи, тоа нема да им успее.
Ние зборуваме во име на граѓаните, во име на луѓето. Ние сме гласот на народот, кога ние зборуваме, зборуваат граѓаните. Кога сакаат да не забранат нас, ги забрануваат граѓаните, додаде Ризвановиќ.
Новинарот Горан Теменугов на протестот порача дека истражувачото новинарство е многу значајно, а судиите треба да си ја знаат работата.
Проблемот е што некој сака да не дефинира, да не озакони кој може, а кој не може да биде новинар. Слободните новинари се сржта на истражувањето и новинарството каде што обработуваме теми кои се многу важни за јавноста и со кои ги штитиме граѓаните. Ние слободните новинари, „фриленсерите“ кои се финансираме странично а не од реклами, сме точно на браникот на јавниот интерес на браникот на граѓаните, додае Теменугов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.