Околу 25 вработени во АД ЕЛЕМ Турс-подружница Попова Шапка денеска во Тетово организираа јавен протест затоа што не се согласуваат со барањата на раководството да се пријават за работа во новоформирана фирма преку пријавување на оглас.
Тие сметаат дека, како и досега, кога се менувал статусот на фирмата, сите треба да бидат префрлени во новиот правен субјект. Не се согласуваат и поради тоа што во новата фирма прво ќе имаат договор на определен период од три месеци.
Ние бараме да се реши проблемот со договор со нив. Тие бегаат и ги нема никаде. Доаѓаме секој ден сабајле и седиме цел ден и никој не кажува ништо. Повеќе од месец дена доаѓаме тука и никој не доаѓа да разговара. Фирмата не е нивна и да одлучи како сака. Го укинале колективниот договор со потпис на синдикатот со еден потпис, без да се одржи состанок, без да има записник, кој бил, кој гласал за или против. Оваа фирма го менувала името и статусот пет-шест пати. Прво беше под ингеренции на Општина, па Инекс, па Југохром па АД ЕСМ, па ЕЛЕМ и на крај ЕЛЕМ турс. Ни како што бевме, комплет бевме префрлени од Југохром во ЕСМ, без никакви проблеми и сега бараме исто така да се реши, изјави Шабан Османи, еден од вработените.
Ако биде со преземање во ред. Но, никој не ни кажува што е. Отворена е фирмата си конкурирале и се вработени шест луѓе, другите сме тука. Нека објаснат дали сме без работа, дали сме затворени како фирма или што е работата. Правна служба усно ни објасни, мора да потпишете. Ние не бараме работа, ние сме вработени. Стара фирма постои уште, во септември зедовме плата од ЕЛЕМ Турс, изјави работникот Зоран Јовановски,
Од раководството на АД ЕЛЕМ Турс подружница Попова Шапка велат дека тие како фирма ќерка на АД ЕСМ добиле одлука од управниот одбор дека треба да се формира нова фирма насловена Ски-центар Попова Шапка ДООЕЛ Тетово. Според управителот на Ски-центар Попова Шапка ДООЕЛ, Адем Авзиу, целта е да се отвори пат за стратешкиот инвеститор.
Стратешкиот инвеститор да добие една чиста фирма за Попова Шапка која нема биде поврзана со други подружници, да нема долгови, да нема проблеми. За да може да се склучи договор со стратешкиот инвеститор. Одлуката на Управен одбор на АД ЕСМ е новото друштво да отвори оглас на определено време до крај на година. Пред Нова година ќе има друг оглас. Дел од вработените аплицираа, дел од нив не аплицираа затоа што не веруваат. АД ЕСМ ќе води постапка за ликвидација на ЕЛЕМ Турс. На сите им било објаснето од моја страна и од директорката на правен и човечки ресурс на АД ЕСМ. Тие работни места се празни и ние може да го реобјавиме и имаат право да се пријават, изјави Адем Авзиу.
Работниците се дел од кадарот на двата хотели на Попова Шапка и ски-лифтовите и жичниците на скијачкиот центар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.