„Прогресивни политики – одговор на предизвиците на земјите од Западен Балкан“ беше насловена панел-дискусијата што вечерва ја организираше Фондацијата „Фридрих Еберт“ со учество на лидери и претставници од социјалдемократски партии од Западен Балкан и од Германија.

Претседателот на Социјалдемократската партија (СПД) на Германија, Ларс Клингбејл рече дека процесот на проширување е еден од одговорите на прашањето како Европа може да стане поголем геополитички актер.

„Интересот на Германија и на целата Европска унија е да ја прошири Европа и шесте земји од Западниот Балкан се многу важни во тој процес. Сигурен сум дека доколку сакаме да имаме силна ЕУ, потребен ни е процесот на проширување. Мора да се фокусираме на силна економија, на нови работни места, на регулаторни прашања и на тоа како можеме да ја зајакнеме Европа“, рече Клингбејл.

Тој посочи дека десничарските партии стануваат посилни, но најдобар одговор во борбата против популистичкиот пристап се прогресивните политики на прогресивните партии како што се сестринските социјалдемократски партии.

„Ние сме силно движење низ Европа и мора да се фокусираме на главното прашање – на платите, социјалната правда, даночната политика, приходите, што е клучна дебата и за изборите во Европскиот парламент“, рече лидерот на СПД.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски нагласи дека единствениот пат напред за Западен Балкан е интеграцијата во ЕУ преку градење економски просперитет, социјална правда и преку демократија и владеење на правото.

„Тоа се три главни столба на бенефициите што произлегуваат од членството во ЕУ, од вредностите што земјите ќе ги присвојат како членки на ЕУ… По војната во Украина, ЕУ научи на тежок начин дека проширувањето мора да се случи и дека ако ЕУ нема да го исполни просторот со интеграција, тоа ќе го пополни некој друг со инвазија. Тоа се случи во Украина“, рече Ковачевски.

Осврнувајќи се на изминатите две години додека беше на чело на Владата, истакна дека како социјалдемократи успеале да ги исполнат елементите за напредок во општеството и направи споредба каква била државава во 2016 и каква е во 2024.

„Ако ја споредиме со 2024 – во 2016 тоа беше земја која по сите мерења од ЕУ беше заробена држава во која демократијата се распаѓаше… Станавме членка на НАТО и по 17 години почнавме преговори со ЕУ. Ако ова не се резултати, тогаш да споредиме што имавме 11 години, до 2016 година“, рече Ковачевски. Тој рече дека државната помош за антикризни мерки била најголема во регионот – 2,6 милијарди евра во неколку пакети.

Потпретседателката на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) Радмила Шекеринска во воведното обраќање рече дека јасната посветеност кон Западниот Балкан треба да биде проследена со акција, не само со зборови.

„Тоа е важно и за Западен Балкан, но и за ЕУ. Како ПЕС секогаш сме биле за прогресија на проширувањето. Како ПЕС сме најдобар пријател на Западниот Балкан и тука не сум пристрасна. Но, исто така, сме и најдобар пријател на регионот во нагласувањето дека проширувањето треба да биде за вредности и за критериуми што ќе ги направи земјите поефикасни и понасочени кон граѓаните“, додаде Шекеринска.

Посочи дека актуелни се разговорите за манифестот на ПЕС за изборите во Европскиот парламент и дека она што ПЕС продолжува да бара е ефикасна политика на проширување почнувајќи со Западниот Балкан.

Претставничката на Фондацијата „Фридрих Еберт“ Хелен Кортлендер се осврна на подемот на десничарскиот екстремизам и дека низ цела Европа, рече, гледаме зголемување на авторитарни десничарски алијанси кои се стремат да ги поништат сите постигнувања на либералните општества.

На панел-дискусијата учествуваа лидери на социјалдемократски партии или нивни претставници од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.