Годишнината од смртта на Гоце Делчев ја одбележавме недостоинствено како држава. Делото на Делчев е епохално и бевременско и ќе трае сѐ додека има Македонци. Државата сѐ помалку се грижи за одбележување на историските личности и историјата како да е тргната на маргините, забележува професорот и историчар Михајло Миновски.

Тој во интервју за „Република“ потсетува дека имавме една посебна институција наречена „Гоцеви денови“, која се грижеше за промоција на ликот и делото на Гоце Делчев.

Време е одблежувањето да се врати на македонскиот народ – смета професорот.

Миновски ја толкува изјавата на бугарскиот претседател Радев, кој за Гоце Делчев рече дека е апостол на „македонските Бугари“.

Не може да се македонски Бугари. Или се Бугари или се Македонци. Тој термин воопшто не е случаен и може да предизвика поделби во македонското ткиво и кај македонскиот народ. Ако тие се македонски Бугари ќе сакаат да го претставуваат културното и историско минато, личности, настани споменици на македонските Бугари. Тоа не смее да се дозволи во никој случај, предупредува професорот.

За Миновски нема дилеми дека македонскиот и бугарскиот народ се два различни народи, две различни нации кои паралелно се формираат.

Бугарите ја имале таа историска околност што некоја голема држава ги ослободила и им направила држава. Затоа Гоце Делчев бил предодреден да биде водач и затоа го поканиле да го води револуционерното движење. Токму Делчев го симболизира македонизмот во Македонија, идеалот за создавање самостојна македонска држава, дециден е професорот Миновски.

Проблемот кај Бугарија, вели професорот, е што на народот во Македонија гледале како бугарски, а земјата бугарска, јазикот дијалект на бугарскиот.

Ова не е прашање само за политичарите туку и за науката. Без Македонија тие ќе немаат тема што да пишуваат. Целта е тоа што не можеле да го направат преку војни да се добие преку Европската Унија и со уценување, а како крајна цел бугаризација на Македонија,смета професорот.

Тој предлага решение за спорот со Бугарија.

Вистинско решение е Владата е со акт, како што е предвидено во Договорот за добрососедство, да ја извести бугарската страна, бидејќи се покажа неприменилив пет години, дека се повлекуваме од договорот. Дури потоа ние можеме рамноправно да преговараме и да поставуваме услови, предлага Миновски.

За историската комисија пак професорот смета дека не може да се нарече историска.

Таа е владина комисија. Некои историчари прифатиле да бидат владини функционери и тие ќе имаат грижа на поколенијата заради нивното учество.Тие прифатија да прават политика што е несвојствено за историчари. Затоа историската комисија треба да прекине со работа, посочува професорот.

Целиот разговор слушнете го во видеоинтервјуто кое го водеше Игор Чавески



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.