Предавства на македонскиот народ многу во овој век, а само еден претседател го ставил својот потпис на нив. Стево Пендаровски. Пендаровски беше тука кога се потпишуваше Преспанскиот договор, Пендаровски беше тука кога се потпишуваше Договорот за добрососедство со Бугарија, францускиот предлог… Пендаровски беше тука да каже дека Гоце Делчев е Бугарин и да премолчи кога Бугарите велат дека браќата Миладиновци се Бугари. Пендаровски беше тука додека овој народ добивал многу врели шлаканици, но од другата страна, спроти народот, не покрај него за да ја фати во лет раката на насилникот.

И како што големите празници и родендените го сплотуваат семејството во татковиот дом, така големите празници го сплотуваат народот. Но, овој народ нема татко кој ќе го поведе.

Најголемиот меѓу достојните датуми во македонската историја, Илинден, покажа дека Пендаровски ги прокоцка сите шанси да застане пред народот и да го поведе како татко на нацијата. А шанси имаше.

Прославата на Илинден се одвива во Скопје, во Крушево на Мечкин Камен и во меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце. Државниот врв претседателот, премиерот и претседателот на собранието ротираат секоја година, па така на претседателот Пендаровски годинава му се паѓа за Илинден да биде во Скопје. Лани, пак, беше на Мечкин Камен.

Зошто е важно каде бил Пендаорвски лани и каде ќе биде токму тој годинава?

Зашто таму каде што е Пендаровски, таму треба да е и народот, но тој со себе носи пустош.

Уште ја паметиме минатогодишната прослава на Илинден под шатори кога Пендаровски првпат во историјата откако се прославува празникот во овој формат, избра да не му се обрати на македонскиот народ. Му беше страв дека ќе го исвиркаат. Искрено, со право.

Пендаровски објави снимен видеоговор утрото, а попладнето замина на Мечкин Камен далеку од народот. Сам, со делегациите од Собранието и Владата, си направи „приватна забава“, на која елитното друштво го забавуваше Влатко Стефановски. Народ немаше.

Годинава овој ист претседател оди чекор понатаму. Прославата ќе ја организира на платото во вилата „Водно“ и нема да се симне меѓу народот. Пендаровски нема да им се поклони на асномците пред Собранието, во Жена-парк, ниту на Методија Андонов Ченто на плоштадот „Македонија“. А по прифаќањето на францускиот предлог, и паметно одлучил. И така не му е местото пред асномците и пред првиот претседател на Презедиумот на АСНОМ. Ниту да ја наведне главата и да се поклони.

Догодина Пендаровски треба да присуствува во Пелинце. Но, судејќи по тоа како тргнал не е тешко да се претпостави што ќе направи. Ќе реши ли да го преспие денот со завлечени завеси на прозорците?!

Сепак, можеби и има образ. И веќе нема каде да го покаже, а не знае ни каде да го сокрие…



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.