„Со реорганизација на Буџетот во овие први 100 дена, ако ја споредиме фактичката состојба којашто ја наследивме како Влада, од минус 200 милиони евра или отприлика минус 12 милијарди денари, можам да кажам дека веќе овој месец очекуваме да бидеме на позитивна нула, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

А, што се однесува до институциите, надвор од Владините институции, министерствата, останатите претпријатија, можам да кажам дека во моментот АД ЕСМ има евидентирани долгови отприлика нешто повеќе од 5 милијарди денари, тоа е нешто над 80 милиони евра и се работи на санирање и намалување на истите. Фондот за здравство е исто така околу 5 милијарди денари, веќе 2 милијарди денари ќе бидат вратени овој месец, ќе бидат вратени оваа година. Ќе се обидеме во следната година целосно да дојдеме до состојба нула, затоа што кога сме во состојба нула и кога не барате одложено плаќање, тогаш и оние коишто ги испорачуваат оние лекарства коишто се потребни за пациентите, ќе бидат поевтини и поквалитетни.

Но тоа не е сѐ, тука се оние јавни претпријатија коишто е Национални шуми, Водостопанство, каде што долговите беа речи си милијарда денари, само по основ на плати беа близу половина милијарда. Или ако сѐ се собере можам да кажам дека, не само што го беа потрошиле Буџетот за помалку од половина година, туку и долговите кои што беа големи се бројат во, она коешто го затекнавме се брои отприлика околу една милијарда евра, нешто коешто претставува историски највисоко ниво на долгови коешто една Влада го наследила.“, изјави претседателот на Владата, Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за состојбата со долговите на институциите и колку истите во првите 100 дена Владата успеала да ги врати и додаде:

„Но нема очајување, тоа е што е, сега сме се нафатиле за оваа работа, сме ја добиле довербата од граѓаните, работиме многу и ќе продолжиме да работиме. Сите го знаат тоа, не е некоја тајна коешто ова го зборувам јас денеска, ако беа добри немаше сигурно да бидеме ние тука, така што ќе продолжиме да работиме и да ги потсетуваме граѓаните каква лоша и очајна состојба оставија, но истовремено мора да дадеме сѐ од себе за да, или вака да го кажам тоа спортски, да го ставиме срцето на терен за да излеземе од оваа ситуација и мислам дека до крајот на оваа година ќе можеме да кажеме дека сме излегле од оваа ситуација.“, изјави претседателот на Владата, Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.