На премиерот Димитар Ковачевски му е страв да спомене и „М“ од Македонци како наследници на македонската револуционерна икона Гоце Делчев! Тоа значи дека или се преценил со своите „болс“ или сака да каже нешто, ама не знае како,анализира новинарот Предраг Димитровски заПресинг ТВ“.

Или, во крајна линија, дека се согласува со ставот на бугарскиот претседател Румен Радев дека нашето државно раководство ќе може да тврди оти гради модерно мултиетничко општество кога ќе најде сила да ги вклучи „сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав“!

 

-Откако работната група ќе ги направат амандманите, наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот Устав, гласеше неговиот одговор на новинарско прашање за најновата провокација на бугарскиот претседател.

Премиерот Ковачевски последниве два дена доби „невиден“ наплив на патриотизам споредувајќи ја реториката, што ја користи Бугарија кон Македонија, со таа што ја користи Русија во однос на Украина, како и со одговорот на Радев.

Но, соочен со катастрофалните резулати во сите релевантни анкети, што покажуваат пад и на неговиот и на рејтингот на владејачкиот СДСМ, судејќи по се, одлучил коцкарски да игра на сѐ или ништо. Ама и во „all in“ сѐ нема храброст да оди до крај.

Зашто, што му беше пречка да ги спомене Македонците како наследници на Гоце Делчев?! Тоа што историската комисија не го кажала својот последен збор за ликот и делото на Делчев? Та, нели не е нејзина работа да ја одредува неговата етничка припадност-анализира Димитровски.

Ќе ја налути одново Бугарија и бугарските политичари? Па што ако ги налути, кога тие секојдневно не лутат со нивни изјави за негација на македонизмот и Македонците, нивно не постоење или со постоење од 1944 година!

Или можеби се уплаши да не се најде во ситуација во која се најде претседателот Стево Пендаровски, кој пред неколку години прво изјави дека Гоце Делчев бил Бугарин, но се борел за Македонија, за веднаш потоа да ретерира и да го прогласи за македонска црвена линија од која нема отстапки!?

За што и да станува збор, повеќе од јасно е дека „напливот“ од патриотизам кај премиерот Ковачевски е прв сериозен знак дека се ближат избори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.