За прв пат во Македонија, пратеник одговара за искажан збор во Собранието на државата. Пратеникот Бране Петрушевски треба да плати 150 000 денари, оти на неговото работно место, Собранието, каде што пратениците си ги кажуваат своите ставови, изразуваат сомнежи, кажал нешто кое го повредило неговиот колега Мартин Костовски од редовите на СДСМ, кој воедно и го тужеше Петрушевски.

Спорот се водел во основниот суд Куманово, каде судијата пресудил во корист на Костовски.

Адвокатот на Петрушевски, Панче Тошковски за Алфа вели дека оваа пресуда е срам за судството во Македонија. Особено заради тоа што Уставот и законите ги штитат пратениците за своите искажани ставови внатре со Собранието, а судот како што вели тој очигледно не го зел тоа предвид.

Оваа пресуда е прва пресуда во РМ, каде што судот констатира дека пратеник може да одговара за искажано мислење, збор, во рамки на неговото работење во Собранието. Оваа пресуда е спротивна на одредбите на Уставот на РМ, со кои се дефинира дека пратениците уживаат материјален имунитет за искажано мислење. Оваа пресуда е спротивна на сите пресуди кои досега сум ги разгледувал, а кои се донесени од страна на ЕСЧП и се во контекст на уживање на имунитет на народните избраници во рамки на парламентите во рамки на ЕУ. Оваа пресуда е спротивна на духот на демократијата, вели Панче Тошковски – адвокат на тужениот.

Вели дека имаат право на жалба и тоа ќе го искористат. Токму за пресудата, изјава за Алфа даде и Петрушевки кој вели дека според Уставот, член 64 пратеникот ужива имунитет за ставовите во собанието, оти тоа е заштитна алатка за пратениците слободно ги кажат своите мислења. Посочува дека Уставот и законите ги содржат овие правила.

Доколку јас не можам од говорница да го искажам своето мислење, да ги искажам своите дилеми, а и да кажам за одредени сомненија за сторени криминали во РМ, тогаш ние влегуваме во еден тоталитарен режим каде што опозицијата треба да биде тотално замолчена и цело време да се занимава со судски процеси. Дека постои сериозна спрега меѓу власта и судството, не е некоја новост, тоа се утврдува со сите релевантни извешти, меѓународни, домашни, а и со последниот извештај на ЕК – вели за Алфа, Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Тужителот, односно Костовски не даде конкретна изјава за Алфа, зошто го тужел неговиот колега за искажан збор во парламентот, само не насочи одговорот да го најдеме во неговиот фејсбук статус.

Во неколку наврати ме навредуваше и изнесуваше невистини и клевети за мене, како негов колега и мора да признам дека ме повреди многу. Политиката не е средство меѓусебно да се повредуваме, туку напротив за мене политиката е можност да го дадеш најдоброто од себе за државата и народот !, напиша Костовски на фејсбук.

Според Костовски, Петрушевски не бил осуден затоа што е пратеник на опозиција и за да се замолчи, туку затоа што зборувал невистини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.