Закон со којшто ќе се казнува говорот на омраза ќе бараат пратеничките во Собранието откако во јавноста се почесто се искажуваат навреди, дисквалификации, дискриминација и омаловажувања не само кон нив, туку воопшто кон жените. Ова ќе биде еден од заклучоците што треба да бидат усвоени на седницата на 8 Март во Собранието на која ќе се дискутира за напредокот на родовите прашања во изминатите дваесет години, откако постои и Клубот на пратенички. 

Направено е многу во поглед на застапеноста на жените и унапредувањето на нивните права, но треба уште многу да се работи, сметаат пратеничките. Како еден од најактуелните прашања и најгорливо во моментов се посочува искажувањето говор на омраза во јавноста. Само пред една недела имаше два слични вакви инциденти и во Собранието, но завршија со извинување. 

Генералната секретарка на Собранието и поранешна пратеничка, која е една од двигател на Клубот на пратенички, Цветанка Иванова во изјава за МИА вели дека говорот на омраза во јавноста треба да се казнува со закон. Говорот на омраза, дискредитацијата и дисквалификацијата, додава Иванова, го рушат нивото на комуникација во сите сфери.

-Кога сме кај говорот на омраза, тој е широко распространет, не само на социјалните мрежи. Сега напредокот на технологијата овозможува практично секој да може за секого да изнесе навреди, омаловажувања, дискредитација и дисквалификации, но уште пострашно е што се случува говор на омраза и на политичката сцена. Мислам дека час поскоро ова треба да запре затоа што говорот на омраза е говор против демократијата, не е само навреда на поединец, туку и навреда на демократијата зашто слободата на говорот е навистина основно човеково право, но треба да има граница, механизам со којшто сето ова ќе се регулира. Мислам дека потребно е жените да поработат на законско решение со кое што ќе се санкционира говорот на омраза во сите сфери на социјалните мрежи, на политичката говорница, на политичката сцена, и тоа би требало да им биде приоритет на жените политичарки, вели Иванова.

Укажува дека во овие моменти е потребна поголема солидарност меѓу жените од различни политички кампуси заеднички да осудат вербални напади или говор на омраза кон која било жена. Предупредува дека тоа не треба да го прават само жените, туку целото општество.

-Во овие моменти, за ова што сега моментално се случува, потребна е поголема женска солидарност на жените од политичките партии, политичките кампуси, да се издигнат, во одредени моменти кога е нападната некоја жена со говор на омраза. Да се издигнат над своите партиски идеолошки определби и да смогнат сили да осудуваат такви настани. Но не можат да го прават тоа само жените, потребно е цело општество, институциите координирано да настапуваат, да функционираат, власта да изрази цврст став против говорот на омраза. Медиумите исто така да дадат свој придонес околу намалување на говорот на омраза во јавните средства, потенцира Иванова.

Според неа, и политичките партии внатре треба да поработат суштински на родовото прашање и говорот на омраза затоа што, како што посочува, се деградира целото општество.

-Самиот говор на омраза и изречена дискредитација и дисквалификација, го руши нивото на комуникација во сите сфери. Мислам дека ова е сериозна општествена штетна појава и треба да се позанимаваме од различни аспекти да можеме да го регулираме тоа затоа што во ова време ги имаме сите алатки во раце и не значи дека со тие алатки можеме да правиме што сакаме, потенцира таа.     

Лолита Ристова, претседателка на Клубот на пратенички во Собранието, зборувајќи за седницата посветена на дваесетгодишнината од основањето на Клубот, потенцира дека еден од заклучоците на оваа седница ќе се однесува токму на говорот на омраза.

– Тоа е нешто што не убива сите, посебно жените. Тоа е нешто коешто е многу насочено, многу токсично во еден период, кога социјалните медиуми земаат се поголем наплив и замав. Во овој дел мора да се воспостави законска регулација на интернет просторот и тоа ќе биде една од нашите следни заложби за коишто како пратенички ќе разговараме со новинарските здруженија, со сите оние коишто работат на пласирање на информации во јавноста, но и оние коишто прават на некој начин злоупотреба на овие медиуми за да пласираат негативни информации во јавноста. Мора да се санкционира тој дел и мора да се најде решение затоа што тоа е присутно. Присутно е, морам да кажам, и во рамки на Собранието, вели Ристова.

Според неа, Собранието мора да биде многу повеќе родово сензитивно, сензибилизирано, а говорот на омраза да биде заборавена работа без оглед на тоа колку и да се големи политичките аспирации и претензии за постигнување на одредени работи.

ора да постојат некои работи коишто се натпартиски, коишто допираат до етиката, до моралот и до интегритетот на личноста. Тука има можности за подобрување и во делот на Етичкиот кодекс и во делот на Деловникот за работа на Собранието, така што и во тој дел во иднина би сакале да бидеме насочени, вели Ристова.

Благица Ласовска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ и член на Клубот на пратенички во изјавата за МИА, вели дека правата на жените во изминатиот период се унапредени и во политиката и во општеството, но колку тоа се отсликува во реалноста се гледа во слободата што ја има во интернет просторот, но и внатре во Собранието, каде што, за жал, како што посочува, се случуваат инциденти.

-Не можам да кажам дека во изминатиот период правата на жените не биле унапредени, особено во политиката, генерално во општеството и со носење на закони итн., но колку тоа се отсликува во реалноста се слободата на интернет порталите, медиумите и внатре во самиот храм на демократијата. За жал, се случуваат инциденти за коишто нема враќање назад, а коишто не треба да се случуваат, бидејќи ние сме пример и треба да бидеме пример за останатите. Тоа е причината заради којашто голем број на жени не сакаат да се занимаваат со политика, а ние сакаме да ги привлечеме бидејќи тука се решава се – и здравство, и образование итн. Ги осудувам ваквите несакани појави, навреда, говор на омраза, вели Ласовска.  

Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, додава пратеничката, има официјални реакции, а нејзиното лично мислење е дека не треба да се биде селективен во осудите.

 Треба да бидеме транспарентни во моментот кога се случува нешто, да застанеме сите, оти јас се сеќавам на такви времиња кога како Клуб на пратенички сме застанале заедно зад нападнатата жена дали е тоа пратеничка, министерка, која било жена, но морам да кажам дека има одредена селективност на која што работиме, истакнува Ласовска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.