Тетовската полиција четири дена го бара лицето кое го вееше знамето на т.н. „голема Албанија“, а Владата два дена не се огради и не побара одговорност, додека Обвинителството чека да види што ќе сработи МВР. Неизвесно е засега дали ќе има одговорност и за организаторите односно за градоначалниците на Чаир, Висар Ганиу, и на Тетово, Билал Касами, бидејќи на настаните не беа испочитувани законите и протоколите за пречек на странскиот гостин, косовскиот премиер Албин Курти.

Знаме на „голема Албанија“ се вееше на концерт во Тетово на 11 август, кој во знак на добредојде на косовскиот премиер, Албин Курти, го организираше локалната самоуправа. На видеото кое се пренесуваше на официјалната фејсбук страница на Општината, се гледа развиорено знаме со карта која ја опфаќа Албанија и делови од Македонија, Црна Гора, Србија и Грција, додека Курти пристигнува со градоначалникот Биљал Касами, заедно со Изет Меџити и Африм Гаши.

Партиите од албанскиот политички блок, вклучувајќи ги и ДУИ и Алијанса на Албанците, ниту се оградија, ниту се извинија од чинот кој се толкува и како територијална претензија кон други држави.

Како што објави „Макфакс“, полицијата сѐ уште го расчистува случајот, односно го утврдува лицето кое ја вееше иконографија на т.н. „голема Албанија“.

СВР Тетово е во координација со ОЈО-Тетово и се преземаат мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот, изјавиле од МВР.

Обвинителството пак, ќе ги гони Касами и Ганиу за неистакнувањето на македонското знаме и неинтонирањето на македонската химна на настаните со Курти – но само ако добие кривична пријава.

Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски реагираше и побара одговорност за случајот, но не и Владата, односно нема заеднички став на сите министрите, кои се дел од Владата.

На настанот не беше интонирана државната химна, ниту имаше македонско знаме. За ова, премиерот Димитар Ковачевски, како и претседателот Пендаровски, кажаа дека е кршење на законите и протоколите.

Извор: Макфакс



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.