Македонскиот полициски синдикат како единствен репрезентативен синдикат во Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за Разузнавање, Агенцијата за Национална безбедност и Управата за финансиска полиција со обраќање до своето членство!!

Почитувани членови, секојдневно покажувате на дело како се сака татковината и како се извршува службата што Ви ја доверила истата. Исправени гордо пред браникот на нашата држава ја манифестирате Вашата човечност и саможртва оставајќи пример за идните генерации, пример за тоа како се сака и почитува својата татковина во време на бројни предизвици со кои секојдневно се соочувате, во минатото но и денес.

Токму од таа причина, како единствен репрезентативен синдикат кој се грижи за своето членство сакаме да Ви укажеме доследно да ги извршувате своите работи и работни задачи согласно законската регулатива на Република Македонија. Да не се ставате во функција на политичките партии заради вршење на кривични дела и прекршоци, да не го нарушувате угледот на институцијата во која работите и да се воздржите од какви било провокации на активисти на политичките партии.

Само со професионален пристап и професионално работење ќе се подобри интегритетот на вработените во безбедносните служби и ќе се зајакне довербата на граѓаните која тие ја имаат како за вработените во Министерството за внатрешни работи така и за вработените во Агенцијата за Разузнавање, Агенцијата за Национална безбедност и Управата за Финасиска полиција. Само така граѓаните ќе прифатат дека нашите активности на теренот се во нивни интерес, во интерес на безбедноста и стабилноста на нашата земја.

Безбедносните служби мораат да бидат надвор од партиските влијанија, затоа што само деполитизирани безбедносни служби можат да гарантираат безбедност , правна држава и непристрасно спроведување на законите за сите.
Истовремено ги повикуваме политичките партии и нивните локални преставници да не ги заплашуваат нашите членови и воопшто сите вработени во безбедносните служби, бидејќи времето на закани и уцени е едно минато време и никој повеќе неможе да ги заплашува преставниците на синдикатот и безбедносните служби.

На крајот ги охрабруваме сите наши членови да ги пријават сите вербални притисоци врз нив, и да не потклекуваат на било какви притисоци од било кого.

Ние како Македонски полициски синдикат ќе ги штитиме нашите членови со сите средства што ни стојат на располагање.

Со почит,
Македонски полициски синдикат
Претседател
Д-р Марјан Кицев



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.