Премиерот Димитар Ковачевски вчера испрати покана до парламентарните политички партии за лидерска средба, на која ќе се разговара за европската иднина на земјава и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консезус.
Од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа дека ќе ја прифатат ако се разговара за актуелните проблеми, но не и за измени на Уставот, бидејќи темата е дефокус и го поларизира општеството.
Од владината прес – служба вчера потврдија дека поканата е испратена, а средбата е предвидено да се одржи в понеделник, на 7 ноември, во Собранието.
-Средбата која ја свикува претседателот на Владата, Ковачевски се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус, соопштија од владината прес-служба.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак изјави дека ќе прифати лидерска средба доколку на неа се разговара за актуелните проблеми на граѓаните, како тешката економска состојба, ниските плати и пензии, високата инфлација, потенцијалната енергетска криза, а не за промена на Уставот, за што партискиот став е непроменет.
–Ако некој мисли дека ќе наметне теми кои што поларизираат, како што е промена на Уставот, па ВМРО-ДПМНЕ ќе седне на таа лидерска средба, па ќе зборуваме за нешто што е веќе познато и константа во јавноста, тогаш се лаже, бидејќи ставот на ВМРО-ДПМНЕ јавноста го знае, тој е непроменлив, константен дека под овие околности промена на Уставот нема, рече на новинарско прашање Мицкоски по посетата на населено место Мралино, Општина Илинден.
Во интерес на партијата, е вели да се разговара за една изборна единица, за предвремени парламентарни избори, но вели, подготвени се овие прашања да ги стават на страна и да разговараат за проблемите на граѓаните. -Ако мислат дека на сила ќе го сменат Уставот, како што правеа со Преспа, нема да сменат, јас го гарантирам тоа, рече Мицкоски.
Во однос на прашањето за укинување на одредбата „20 отсто“ за употребата на јазиците од Уставот за што се залагаат политичките партии на Албанците, Мицкоски вели дека е пострашно тоа што тие бараат формирање дводомен парламент, што според него, би значело де јуре и де факто федерализација.
– Тоа е многу погрешен потег и нарушување на унитарниот карактер на Македонија, бидејќи ниту на Европа, ниту на светот, не му е потребна уште една Босна, уште една нефункционална држава на Балканот. Ние сме против и рековме дека тоа е црвената линија за која што сме подготвени да ја браниме со сите средства и алатки кои што ни стојат на располагање како политичка партија, потенцира Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.