Суспендирањето, поведувањето на дисциплинска постапка, како и поднесената кривична пријава, обвинителката Вилма Русковска го гледа како притисок кон неа и кон сите јавни обвинители да внимаваат против кого ќе поведат постапка.

Русковска ова денеска го истакна по исказот во Обвинителството по поднесената кривична пријава за злоупотреба на службена должност при претресот извршен на 18 јули годинава во Управата за финансиска полиција од страна на ОЈО – ГОКК. Таа соопшти дека вчера поднела и пријава каде конкурирала за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и дека очекува поддршка од нејзините колеги.

Давав исказ по поднесена кривична пријава од Финансова полиција за наводна злоупотреба на службена положба и овластувања, член 353 став 1 и за наводно фалсификување на избори, појасни Русковска..

Истакна дека нејзиниот колега што го застапува предметот бил максимално коректен и професионален кон неа, а информираше дека сабајлево исказ дала нејзината колешка Елизабета Јосифовска, дека утре ќе дава Ивана Трајчева, а, како што рече, слушнала и дека Сузана Мирчевска Кузмановска бил ставена во пријавата.

Суспендираната обвинителка рече дека не извршла увид во доказите, освен во делови од предметот што се прибавени од Организиран криминал.

Обвинителот ми рече дека имал некој извештај направено од колешката Лиле Стефанова, ја видов кривичната пријава. Ми беше понудено да го видам записникот на изјавата на Муареми, не бев заинтересирана да ја прочитам, само кривичната пријава ја прочитав, истакна обвинителката.

ОЈО Скопје претходно на брифинг со новинарите информираше дека постапува по кривичната пријава за злоупотреба на службена должност при претресот во Управата за финансиска полиција од страна на ОЈО – ГОКК, дека веќе се прибрани материјални докази и сослушан е подносителот на кривичната пријава, а во следните денови ќе се испитаат и пријавените лица.

Подносител на пријавата е Управата за финансиска полиција, а оштетено лице е Арафат Муареми.

Пријавено е дејствието на злоупотреба на службена должност во контекст на нешто што не било созреано за претрес и немало таква документација за претрес, а е направено. Како аргументација кон пријавата е посочен и извештајот од надзорот и тоа што се случувало таму, појаснуваат од ОЈО Скопје.

Управата за финансиска полиција на 8 август годинава, поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, за „злоупотреба на службена положба и овластување“ при претресот во Управата за финансиска полиција извршен на 18 јули годинава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.