Министерот за надворешни работи, инаку кандидат за претседател на Македонија, Бујар Османи преку прес-конференција тврди дека има „факти и информации“ во врска со настаните во Бањска во Косово на 24 септември минатата година и нив ќе ги презентирал на затворена седница на Владата со цел, како што рече, „да се преиспита и да се одлучи дали државава и натаму треба да остане во иницијативата „Отворен Балкан“ во која е заедно со Албанија и Србија“.

По инцидентот во Бањска тој не учествувал на настан на „Отворен Балкан“, но, сепак, рече, Владата ќе ја донесела одлуката за натамошно учество на Македонија во иницијативата која, рече, имала благородни цели.

Кога се случи нападот во Бањска во Косово имав изјава дека ова оди спротивно на основната идеја за иницијативата – дека е за помирување. И реков – ако има директна вмешаност на Белград во Бањска, тогаш навистина треба да се преиспита бидејќи ги крши столбовите на основната идеја. Бидејќи сега имам повеќе информации што се случило во Бањска, планирам на затворена седница да ја информирам Владата, а Владата ќе одлучи како ќе постапи понатаму, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата за коспонзорирањето на резолуцијата на ОН за сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Според него, иницијативата „Отворен Балкан“ не е целосна зашто ги нема сите шест земји на Западниот Балкан, туку, рече, е иницијатива во обид која, на идеја на премиерот на Албанија Еди Рама, имала две цели.

Таа имаше две цели – помирување за создавање предуслови за затворање на косовско-српскиот спор и за меѓусебно признавање и либерализација на пазарот зашто беше проценето дека 80 отсто од времето камионите на Балканот го поминуваат на граничните премини, а 20 проценти на патот кон нивната дестинација. Се разбира, тоа беа благородни цели во кои ние учествувавме. Но тоа е иницијатива во обид бидејќи додека ги нема шесте земји не е комплетирана иницијатива, рече Османи.

Инаку, „Слободен пристап до пазарот на трудот“ е најголема придобивка од „Отворениот Балкан“. Според официјалните податоци, 2.200 лица се пријавиле за работа само изминатиот месец, а најавите се дека до почетокот на летото дури 10.000 работници без никакви пречки ќе работат во трите земји.

Голем дел од нив тоа се македонски работници кои побарале и добиле работа во Србија и во Албанија.

По којзнае којпат, на Османи не му е гајле за македонските, туку само за косовските интереси.

Па, така, истиот човек што при посетата на Шпанија во улога на шеф на дипломатијата на Македонија бараше признавање на Косово, сега бара гласови да ја предводи државата!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.