Платформата на граѓански организации за борба против корупција бара од претставниците на Владата да престанат со креирање притисок врз независните институции кои работат во областа на борбата против корупцијата и да обезбедат нивно непречено работење и остварување на нивните надлежности.

Како што велат од Платформата, реакцијата најмногу се однесува кон притисоците врз Државната комисија за спречување на корупцијата.

Платформата инсистира да се престане со притисоците кон независните тела за борба против корупцијата, особено кон ДКСК и да се овозможи нивно непречено работење со цел зачувување на владеењето на правото. Дерогирањето на работата на овие институции од страна на високи владини функционери е спротивно на заложбите за борба против корупцијата и очекувањата на граѓаните за унапредување на состојбата во која за нив корупцијата е најголем општествен проблем“, се вели во писмото упатено до премиерот Димитар Ковачевски.

Од Платформата напоменуваат дека критики за исполнување на надлежностите на која било институција се добронамерни и прифатливи сè додека се засноваат врз докази и остварени или неостварени резултати.

Во спротивно, кога критиките се засновани врз лични, паушални, перцепции и доаѓаат од високи функционери се сметаат за директен притисок врз работењето на институциите“, се вели во соопштението.

Од Платформата укажуваат дека со одбивањето на одговорност на институциите за
непреземените обврски од своја надлежност, само се покажува незрелост и неспремност и освен декларативни заложби за борба против корупцијата нема реални резултати кои ќе придонесат кон подобра општествена состојба.

Апелираме дека во овој момент тоа што треба да е приоритет на секој министер и на Владата во целост е да се фокусираат на антикорупциските ветувања кои земјата ги дала кон граѓаните и кон меѓународната заедница, меѓу кои се и реформа и независност на правосудството, департизација на јавната администрација, професионализација на раководната служба“, стои во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.