Идејата на Предлог-законот за вработените во Министерството за одбрана не е само да се дадат права на вработените, напротив, да се предвидат и зголемените обврски кои ги имаат тие, но на крајот од денот треба да се има предвид дека вработените во Министерството се дел од безбедносната структура во државата и навистина тие треба да гарантираат за сето она што значи безбедност на Република Македонија, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска на јавна расправа за овој Предлог-Закон.

Петровска додаде дека во овој момент вработените во Министерството кои се под Законот за административни службеници се во нерамноправна позиција во однос на другите категории на вработени и тоа значително влијае на нивната мотивираност, меѓутоа и во извршувањето на она што значи обем и секојдневни задолженија.

Со оглед на тоа дека сега учествуваме во различни процеси, во различни видови на планирања, креирања на политики и донесување на одлуки во самата Алијанса, неопходно е да се направат суштински измени во статусот и обврските, но се разбира и правата на вработените во Министерството за одбрана, особено заради тоа што станува збор за комбинирана структура каде што има вработени кои се поделени сега во моментов под Законот за вработени во администрацијата, меѓутоа и вработени согласно Законот за служба во Армијата, нагласи Петровска.

Како новини на овој закон, Петровска вели дека ќе се предвидат критични специјалности во Министерството, односно ќе се предвиди како да се реши недостатокот на вработените кои поседуваат посебни специјалности и познавање на информатичка технологија, како и многу други права и обврски за вработените.

Според претседателот на Комитетот за Проектот МКД-НАТО 2030, Марјан Ѓуровски, искуствата на другите членки од Алијансата наметнуваат посебно издвојување на вработените во МО од останатите вработени во јавната и државната администрација.

Македонското членство во НАТО, промената на безбедносната парадигма и новите безбедносни ризици и закани ја наметнуваат потребата од еден инклузивен пристап каде што вработените од Министерството за одбрана, заедно со луѓето од академската заедница и невладиниот сектор изработуваат предлог законско решение со кое значајно ќе се одобри статусот и стандардот на вработените во Министерството за одбрана, имајќи го предвид зголемениот обем на работни обврски кои тие ги имаат и пред се работата со специфични безбедносно класифицирани информации, изјави Ѓуровски

Тој информира дека буџетот наменет за Министерството за одбрана ќе остане ист, но, како што рече, пред се важни се безбедносните и економските аспекти.

Секој оној што ќе работи овде ќе има исти права и обврски и со лицата кои носат униформа од Армијата, а се во Министерството за одбрана, дополнително ќе имаат специфични обврски заради промена на местото, позицијата и обврските кои ги добива Македонија како земја членка на НАТО, но и пред се обврска на безбедносна проверка имајќи предвид дека во изминатиот период бевме ризични, и, покрај економската оправданост на законот се зголемува и безбедносната одржливост на системот за безбедност и одбрана со различните ризици и закани со кои секојдневно се соочуваме, изјави Ѓуровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.