Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, изјави дека најголемата придобивка од членството во НАТО е сигурноста и безбедноста која денес граѓаните на нашата држава ја чувствуваат, можат мирно да се разбудат и да знаат дека се дел од големото семејство кое, пред се, претставува политички и воен безбедносен сојуз.

Стратешката цел, членството во НАТО, е исполнета. Граѓаните денес веќе ги чувствуваат придобивките од тоа наше членување. Тоа го потврдија последните случувања на европското тло од безбедносен аспект. Она што се случува во Украина, кое што ние цврсто и силно го осудивме и како земја, но и како дел од НАТО Алијансата, покажува дека мирот не ни е даден еднаш за секогаш и не е загарантиран. Тоа е нешто кое мора да го негуваме и да работиме постојано на тоа – посочува Петровска во интервју за јавниот сервис МТВ по повод одбележувањето две години од членството на државата во НАТО Алијансата и придобивките од членството.

Во однос на бизнис заедницата која сега е во поповолна ситуација да привлекува странски директни инвестиции, Петровска посочува дека тоа треба да го помогне воспоставениот Центар за поддршка на компаниите кој дополнително треба да се зајакне.

Јас како министерка стојам на располагање секако ги поканив и бизнис заедницата, стопанските комори и компаниите заедно да работиме на веќе воспоставениот Центар за поддршка на компаниите, на македонските компании кои сакаат да се промовираат себе си и да настапат на НАТО пазарот, тој центар да го развиваме, да го зголемиме со соодветна експертиза, со соодветни човечки ресурси но и со значајна методологија како тоа да го направиме. Овој центар треба да овозможи уште поголем и уште посериозен пробив на македонските компании на НАТО пазарот. На тој начин компаниите директно ќе ја почувствуваат придобивката од нашето членување во НАТО – вели министерката за одбана.

Прашана во однос на правата, но и обврските кои ги носи со себе членството во НАТО од аспект на руско-украинскиот конфликт и последиците од него, Петровска потенцира дека Република Македонија е рамноправен партнер во донесувањето на тие одлуки.

Граѓаните треба да знаат и се редовно информирани за тоа кои се придобивките и на НАТО Алијансата и на каков начин сакаме да помогнеме и практично ја искажуваме солидарноста и поддршката за украинскиот народ. Република Македонија е рамноправен партнер во донесувањето на тие одлуки. Во НАТО Алијансата не се делат земјите на големи и мали на први или последни пристапени, сите сме еднакви, рамноправни, гласот на сите, на секој од нас подеднакво се слуша и се вреднува но она што сите нас не обединува во тие наши излагања и донесувањето на одлуките е дека тие секогаш се засноваат на принципите и вредностите на НАТО Алијансата. Она што е поука и треба да биде и пораката која се прати, практично најголемата порака би рекла од оваа инвазија, е дека таа успеа да ги обедини и НАТО и ЕУ и поголемиот дел од светот и со тоа праќаме силна порака како сојузници и заедно со членките од Европската Унија но и другите земји кои се приклучија кон осудата дека компромис за демократија, за борба за човекови права, за човечки животи нема – вели Петровска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.