Утре, 5 март (вторник) во хотелот „Хилтон“ во Скопје, во 10.00 часот, министерката за одбрана Славјанка Петровска ќе го отвори НАТО – Индустрискиот ден на кој ќе учествуваат високи претставници на двете агенции на Алијансата, НАТО Агенцијата за поддршка и набавки (NSPA) и НАТО Агенцијата за комуникации и информации (NCIA), како и претставници на стопанските комори, бројни македонски компании и претставници на академската заедница.

На отворањето на Индустрискиот ден покрај министерката Петровска, ќе се обратат и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, генералната менаџерка на НАТО Агенцијата за поддршка и набавки (NSPA) Стејси Камингс и шефицата за набавки во НАТО Агенцијата за комуникации и информации (NCIA) Џенифер Аптон.

Со членството на Македонија во НАТО, се отвори можност за учество на македонските компании на НАТО пазарот вреден околу 5 милијарди евра годишно. Со цел поддршка на компаниите во процесот на добивање на потребните сертификати за учество на тендерите на НАТО пазарот, Министерството креираше Центар за поддршка на компаниите. Преку овој Центар се врши упис на економски оператори и се добива потврда за исполнетост на услови за учество во постапките за набавки за потребите на НАТО и земјите – членки. Секоја година по членството во НАТО забележано е зголемување на интересот на македонските компании за упис во евиденцијата за економски оператори. Ако во 2021 година, впишани се 8 компании, а во 2022 – 11, минатата 2023 година 21 компанија биле внесени во оваа евиденција, а само во првите два месеци годинава бројот на компании е 4. Вкупно досега во евиденцијата на економски оператори впишани се 44 компании.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.