Македонија и Соединетите Американски Држави имаат одбранбена соработка која може да послужи за пример како соработуваат две сојузнички земји, но и земји кои се стратешки партнери. Соработката која се реализира повеќе од 25 години ни помогна да ги исполниме стандардите на Алијансата“, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната средба со амбасадорката на САД во нашата земја, Кејт Брнз.

Министерката Петровска изрази благодарност за американската поддршка за развој на нашиот најголем капацитет за обука и извежбување, армискиот полигон „Криволак“ каде македонски и американски единици работеа на развој на интерната инфраструктура и содржините за извежбување, а беше изградена и полетно-слетна патека за беспилотни летала. На овој полигон оваа пролет ќе се одржи најголемата воена вежба која досега се реализира на „Криволак“, вежбата „Swift Response 22“, која ја организираат Американските сили во Европа, а учество покрај САД и Македонија ќе земат и Обединетото Кралство, Италија, Франција, Албанија и Црна Гора.

Во однос на модернизацијата, министерката Петровска изрази задоволство што Армијата, преку договор Влада со Влада кој го зацврстува интегритетот во работењето, набавува нови и софистицирани оклопни транспортери токму од Соединетите Американски Држави.

Министерката Петровска и амбасадорката Брнз се осврнаа и на ситуацијата во Украина. Тие ја истакнаа важноста на единството со кое НАТО сојузниците пристапуваат кон прашањето, вложувајќи напори за дипломатското решавање на спорот, изразувајќи поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

Македонија и САД низ годините имаше исклучително продуктивна соработка, особено во доменот на заедничките обуки и вежби, а последните години се карактеризираат и со неколку посети на највисоко ниво. Во моментов припадниците на нашата НАТО единица, Лесната пешадиска баталјонска група во Штип се обучуваат заедно со припадниците на 4. бригада за поддршка на САД, додека припадниците на специјалните сили извежбуваат со американски маринци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.