Уставниот суд денеска ќе одржи седница на чиј дневен ред се пет иницијативи за оценување на уставноста и законитоста.

На дневен ред е иницијативата поднесена на член 91 став 2 од Законот за стечај во делот: „Доверителот кој е упатен на парница е одговорен за штетата што може да биде предизвикана со водењето на парницата ако тужбеното барање биде одбиено како неосновано.“

Подносител на иницијативата смета дека оспорената одредба е во спротивност со членот 50 од Уставот бидејќи со условувањето, односно со давањето на гаранција од страна на доверителот во висина од 1/5 од вредноста на побарувањето (спорот) се губи смислата на концептот на судска заштита и на владеењето на правото. Поради ова во иницијативата е наведено дека оваа законска одредба е во спротивност и со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 51 од Уставот.

Во иницијативата се наведува дека со оспорената одредба граѓаните се доведуваат во нерамноправна положба и им е повредено правото на еднаков пристап пред судот, па поради тоа се доведени до состојба да се откажат од заштитата на нивните права во стечајната постапка.

Пред судиите денеска ќе се најде и иницијативата поднесена на членот 65 став 2, во делот: „Законот за прекршоците“ и став 3 исто така во делот: „Законот за прекршоците“, како и Член 66-а став 1, во делот: „Прекршочна комисија“ од Законот за туристичката дејност.

Во иницијативата се наведува дека по тој закон постапувал надлежен орган (суд или прекршочен орган) доколку е во прашање прекршок, а членот 65 став 1 од Законот за туристичката дејност се однесува на административна мерка (не на прекршок) која може да ја преземе инспектор при вршење на инспекциски надзор во случаите утврдени во Законот, па пропишувањето во член 65 ставовите 2 и 3 од истиот закон да може да се изјави жалба против решението за административната мерка согласно Законот за прекршоците според подносителот доведува до заблуда, бидејќи оспорените делови од член 65 ставови 2 и 3 на Законот за туристичката дејност не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 (владеење на правото) и со член 51 став 1(законите мора да се во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и закон) од Уставот.

На денешната седница ќе биде разгледана и иницијативата за Одлука за давање на согласност од 18 август 2021 година, донесена од страна на Советот на Општина Неготино и Заклучок за објавување на Одлуката за давање на согласност за објавување на одлука, од 5 август 2021 година на УО на ЈП „Комуналец“ Неготино од 20 август 2021 година, донесени од страна на Советот на Општина Неготино на педесет и првата редовна седница на Советот на Општина Неготино.

Подносителот на иницијативата смета дека граѓаните требало да бидат информирани за изградбата на мала хидроелектрична централа на водоснабдителниот систем Лукар, кој се наоѓал во атарот на Општина Неготино и требало да има најмалку една јавна расправа со цел за истата да бидат информирани граѓаните на Општина Неготино. Според наводите во иницијативата тоа е пропишано согласно член 61 од Статутот на Општина Неготино и потребата од почитување на критериумите на Архуската Конвенција. Подносителот на иницијативата изразува сомнеж за корупција, односно упатува на повреда на членот 32 од Законот за спречување на корупција бидејќи пристигнала само една понуда за склучување на јавно приватно партнерство од семејна фирма на висок партиски функционер и лице именувано за директор на компанија со државен капитал и тоа укажувало на сомнеж дека е повреден членот 32 од Законот за спречување на корупција.

На дневен ред на денешната седница е иницијативата поднесена на член 84 став 1 од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија.

Подносителот во иницијативата наведува дека сегашниот состав на Собранието, односно неговите членови делегати и претседателот на Комората се избрани согласно одредбите на претходниот Статут на Комората кадешто е предвидено времетраење на мандатот од 5 години, туку јасно и експлицитно е предвиден мандат од 4 години. Според наводите во иницијативата на ваков начин соодветната оспорена одредба има ретроактивно дејство, бидејќи членовите на Собранието сами си го изгласуваат и си го продолжуваат стекнатиот мандат кој бил добиен од страна на гласачите од поранешниот Статут. Се наведува дека на тој начин се нарушува правната сигурност на граѓаните и на членовите на Стоматолошката комора и не е во согласност со начелото на владеењето на правото и е во спротивност со член 52 став 4 од Уставот.

Судиите ќе расправаат и по инцијативата поднесена од политичка партија Левица од Скопје, која се однесува на точка 5 од Упатството за платено политичко рекламирање за Локалните избори 2021 од 21.09.2021 година.

Подносителот на иницијативата смета дека оспорениот акт противправно овозможува фаворизирачка улога на „Независни кандидати” од група избирачи за општините и Градот Скопје, кои биле поддржани од подносителите на листи-политичките партии иако немале формален договор за коалицирање. Во иницијативата се наведува дека со членот 75-ѓ, ставови 1 и 12 и член 76-д став 5 се прави јасна дистинкција на учесниците во изборната кампања, па согласно тоа се прави процентуална распределба на рекламниот простор на електронските и печатните медиуми наменето за платено политичко рекламирање на учесниците во изборната кампања, како и финансиските средства обезбедени за учесниците од Буџетот на Македонија за таа намена.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.