Ќе се формира Совет за унапредување на образованието и науката. Предлогот е на Министерството за образование и наука, а Владата вчера ја усвои информацијата за потребата од формирање на Советот.

Како што информира Министерството за образование и наука, преку Советот ќе се овозможи подобрување на квалитетот на образованието и науката, оптимизација во образованието, зајакнување на системите на евалуација и оценување, реформирање на наставните програми со нивна поголема насоченост кон резултатите од учење, подобра ориентираноста на програмите за стручно образование и обука кон потребите на пазарот на трудот, како и програмите во високото образование да ги отсликуваат потребите на пазарот на трудот.

Одлуката, како што се наведува, е во согласност со направените сеопфатни анализи за состојбите во основно, средно и високо образование и наука, ученички и студентски стандард и обезбедување на учебници во Македонија, а во насока на градење јавни и транспрентни политики во образованието.

Со работата на Советот ќе претседава премиерот Димитар Ковачевски, а во состав ќе бидат министерот за образование и наука Јетон Шаќири, првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими и Педагошката служба како орган на државната управа во состав на Министерството за образование и наука.

МОН како транспарентна и одговорна институција која создава можности за учество во креирањето на политиките од сите засегнати страни, ќе ги вклучи претставниците од стратешките партнери на Министерството. Во активностите на Совет ќе учествуваат Сојузот на средношколци, Интеруниверзитетската конференција, Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, Агенцијата за квалитет во високото образование, Одборот за акредитација на високото образование, Одборот за евалуција на високото образование, студентските собранија, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно обраование и обука, Државниот испитен центар, Државниот просветен инспекторат и Центарот за образование на возрасните, стои во соопштението.

Со оваа одлука, како што се наведува, МОН ќе креира политики кои ќе се базираат на информациите за моменталната функционалност на системот на национално ниво, како и на меѓународните истражувања за факторите што придонесуваат за ефективна настава и учење.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.