На денешната собраниска седница за поставување пратенички прашања пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ упати три пратенички прашања до Министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Првото прашање е кога ќе има точно учебници за сите ученици? Второто прашање е дали конечно ќе има одговорност за грешките во учебниците тргнувајќи од вас како најодговорен за образованието и третото прашање е за почитувањето на договорот кој вие сте го договориле со Синдикатот за образованието за усогласување на платите во основното и средното образование преку потпишани колективни договори во Септември минатата година и дали ќе го реализирате ветувањето и договореното што сте го дале за плаќање на остатокот од 3,4% во месецов кој веќе измина?

Ние, но и граѓаните доаѓаме до еден заклучок дека има целосна неподготвеност од страна на Владата на СДСМ и ДУИ кога во прашање е образованието и образовниот систем и тоа се провлекува во континуитет 5 години без разлика колку министри се сменија во ова Министерство за образование и наука и наука како образованието да е далеку од низата приоритети на оваа Влада и тој е факт кој го гледаме преку низата протести кои се случуваа и преку сите предизвици но и последици со кои немате стратегија и концепт за како да се справите, рече Пешевска.

Пешевска посочи дека една учебна година откако е оваа на власт не е почната без проблеми.

Која учебна година почнува со доцнење, која нема свидителство , која пак нема учебници, укинување на предмети итн. И сето тоа се одрази на образовниот процес. Целосната неподготвеност беше покажана на стартот на учебната година во минатата година кога немаше учебници и свидителства, рече Пешевска.

Таа кажа дека во 2022 година наместо нови учебници, Министерството за образование и наука платило 530 илјади евра за привремени материјали за учење, односно една компилација се направила од минатогодишните и дел од новите учебници, но од тие ново компонирани материјали немало за сите.

За жал следеа и грешките во учебниците со Историја и Географија, па така Монт Еверест стана повисок од 20 илјади метри, Македонија според учебникот се граничи на исток со Албанија, на Запад со Бугарија. За сето тоа имаше низа дебатни емисии низа гостувања ваши и од министерството за образование но за жал за цел изминат период ние не видовме одговорност, ниту повлекување на учебниците, немаше одговорност ниту од ваша страна како предводник за целата област образование, ниту за авторите, ниту за националната комисија, ниту за бирото за развој, ниту рецензентите, вели Пешевска.

Пешевска заклучи дека со сето ова ќе има долгорочни последици по образованието. Ќе имаме делумно писмени или неписмени генерации на деца кои ќе бидат неконкурентни на пазарот на трудот. Значи ќе имаме држава во изумирање бидејќи немаме доволно квалификувани работници нешто што со веќе се соочуваме.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.