Во вечерашниот телевизиски дуел помеѓу двата претседателски кандидати, Пендаровски се осврна на неговиот концепт за напредок на државата, за кој, како што рече е победнички. Притоа нагласи дека се исполнети трите столба од неговата предизборна програма од 2019 година.
„Клучните столбови на мојата програма во 2019 година беа влез во НАТО, отворање на преговори со ЕУ и стабилни меѓуетнички односи – триаголникот на успехот и стабилноста, просперитетот на државата, тоа сум тврдел и ќе тврдам. Ако ова не е остварено кажете ми – членка на НАТО, почнати преговори и меѓуетнички односи кои не се идеални, меѓутоа се далеку од она што беше во времето на режимот“, рече Пендаровски.
И програмата за работа во вториот мандат, продолжи Пендаровски е заснована на реални основи, а не на фикции.
„Јас не тврдам дека оние кои го потпишале Преспанскиот договор треба да завршат во затвор и дека треба да бидат кривично одговорни. Јас тврдам дека тоа е добар договор кој ги штити македонските национални интереси. Госпоѓата тврди спротивно. Таа денес вели добро е што влеговме во НАТО, имаме гарантор на безбедноста, ама пред три-четири години во интервјуа вели треба кривично да бидат гонети тие луѓе. Јас не велам дека Европската преговарачка рамка е во ред, ама имаме проблем со другите аспекти. Европската преговарачка рамка е договорена од Европа, од 27 држави и ние или ја прифаќаме, или ја одбиваме“, додаде Пендаровски.
На прашањето зошто граѓаните да го дадат својот глас за него, Пендаровски упати јавен повик до сите граѓани кои ги поддржуваа кандидатите кои испаднаа во првиот круг и до оние кои воопшто не учествуваа во првиот круг, да гласаат за неговиот концепт доколку се препознаат во него.
Во однос на партиската и граѓанската поддршка, тој посочи дека во трката за нов претседател на државата, обајцата велат дека ќе бидат независни од кои било центри на политичка и економска моќ и притоа собирале граѓански потписи за да покажат дека имаат сила, граѓанска компонента за претседателската кандидатура.
„Госпоѓата Силјановска ги отфрли тие 20 и нешто илјади потписи колку и да беа и отиде само со потписи на пратениците. Сосема е логично партискиот лидер кој ја предложи за кандидатурата, да договара поддршка со другите партиски лидери за неа во вториот круг. Бидејќи не е граѓански поддржана, туку од партиите, логично е дека партискиот лидер ги прави тие меѓупартиски, меѓулидерски договарања“, истакна Пендаровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.