Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими шефот на делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, амбасадорот Дејвид Гир.

На средбата соговорниците разговараа за политичките случувања во земјата во пресрет на формирањето на новата влада, како и за очекувањата и можностите за напредок во однос на европските перспективи на Македонија, соопштија од кабинетот на Претседателот.

Во тој контекст, претседателот Пендаровски истакна дека Македонија останува фокусирана на европската агенда и подготвена за дијалог со Република Бугарија во насока на надминување на постоечката состојба. Истовремено, претседателот Пендаровски констатираше дека валоризирањето на напредокот на нашата држава и почетокот на пристапните преговори, согласно препораките на Европската Комисија, ќе претставува дополнителен поттик за реформските процеси, посебно во клучните сфери како борбата против високата корупција и владеењето на правото.

На средбата беше посочено дека почетокот на пристапните преговори со Европската Унија значително ќе се одрази и на регионалната соработка, стабилноста и напредокот на регионот, стои во соопштението.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.