Во овој критичен момент за меѓународниот правен поредок, за мирот и за безбедноста на Европа, потребно е Алијансата да го покаже своето единство и да настапи со здружени напори и дејствија, истакна претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање попладнево на вонредниот виртуелен Самит на НАТО, на ниво на шефови на држави и влади, на којшто се разговараше за безбедносната ситуација во и околу Украина.

Претседателот Пендаровски ја повтори државната позиција дека Македонија го осудува рускиот напад врз Украина, оценувајќи дека истиот е неоправдан и неиспровоциран.

Мајостро го осудуваме руското признавање на украинските региони Доњецк и Луганск, како независни територии. Се придружуваме на повиците Русија веднаш да прекине со својата воена акција и да ги повлече сите воени трупи и капацитети од Украина, рече претседателот Пендаровски.

Тој потсети дека Русија мора да ги почитува меѓународните норми и да постапува во согласност со основите на меѓународна безбедносна архитектура, на која се обврзала.

Како одговор на руските воени дејствија во Украина, претседателот информираше дека Македонија се приклучува кон пакетот рестриктивни мерки на Европската Унија против Русија, стои во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.

Претседателот истакна дека Македонија целосно ги поддржува напорите на НАТО за брз одговор и распоредување на војници за зајакнување на безбедноста на територијата на сојузниците на источното крило на Алијансата и подвлече дека го даваме нашиот придонес во овие напори, во согласност со нашите капацитети.

Го поддржуваме народот на Украина и нејзините демократски избрани институции. Нашите мисли и молитви се со семејствата на загинатите и повредените. Ова е прашање на нашата колективна безбедност и прашање на европскиот мир, со цел да се одржи меѓународниот поредок. Мора да бидеме обединети и да ги надминеме тешкотиите со кои се соочуваме, бидејќи иднината на нашата Алијанса и на сите наши граѓани е доведена во прашање, потенцираше претседателот Пендаровски во обраќањето на вонредниот виртуелен Самит на НАТО, на ниво на шефови на држави и влади за ситуацијата во и околу Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.