Воочи средбата на бугарскиот и македонскиот премиер Кирил Петков и Димитар Ковачевски на 18 Јануари во Скопје, претседателот Пендаровски реши дека ќе прими делегација на две македонски здруженија од Бугарија, на  ОМО Илинден Пирин и на ОМО Илинден на нивно барање. Од кабинетот на претседателот за ТВ24 велат дека датумот сеуште не е утврден.

„Пристигнато е барањето на ОМО Илинден Пирин и на ОМО Илинден за средба. Претседателот Стево Пендаровски ќе ги прими во најбрз можен рок.“ – Кабинет на Претседателот на Македонија.

Во писмото Македонците од Бугарија велат дека безрезервно ги поддржуваат аспирациите на етничките браќа од Македонија за достојно место меѓу народите на демократска Европа, но и ја спомнуваат средбата на бугарскиот претседател Радев со претставници на неколку регистрирани здруженија на Бугари од Македонија и на една политичка партија. Опозицијата пак денеска повторно обвини дека Димитар Ковачевски и Владо Бучковски немаат легитимитет да преговараат за македонскиот проблем со Бугарија.

СДСМ, преку соопштение реагираше на изјавите Митева, и велат дека Ковачевски и новата Влада не само што имаат легитимитет, туку имаат проширено и стабилно мнозинство во Собранието. Очигледно ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту Мицкоски не се добро запознаени со уставот и законите во земјава, се вели во соопштениетто на СДСМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.