Првичните резултати што Државната изборна комисија ги објави утрово на својата веб-страница покажуваат дека од обработени речиси 100 проценти од гласачките ливчиња, најмногу гласови на вчерашните претседателски избори освои кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова 362.682 (40,08%), пред Стево Пендаровски од СДСМ со 180.306 (19,93%).

Споредено со првиот круг на претседателските избори во 2019 година, кога покрај Силјановска Давкова и Пендаровски, кандидиран беше и Блерим Река како кандидат на Алијанса за Албанците и Движењето Беса, гласовите на граѓаните се значително помали за актуелниот претседател.

На изборите во 2014, пак, Пендаровски освои 326.164 гласови, и влезе во вториот круг со Ѓорѓе Иванов, кој на крај победи.

Силјановска Давкова и Пендаровски по вторпат ќе се соочат во втор круг од претседателските избори, кој ќе се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните избори.

На овие избори СДСМ како партија, пак, за првпат освои помалку од 200 илјади гласови.

Досега, најслаб резултат СДСМ имаше во првиот круг од претседателските избори 2009 година, кога тогашниот кандидат на социјалдемократите Љубомир Фрчкоски освои 202.691 глас. На парламентарни избори, СДСМ најслаб резултат имаше во 2006 година, кога освои 218.463 гласови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.