На 1 Мај – Денот на трудот, да се потсетиме и да им оддадеме признание на сите оние кои придонесоа за поправеден однос кон работниците, наведува претседателот Стево Пендаровски во првомајската порака.

Истовремено, благодарни сме и на сите кои и денес се борат за обезбедување на пристојни услови за работа, соодветни плати и социјална сигурност, градејќи општество каде чесната работа достоинствено ќе се цени и ќе бидат целосно заштитени работничките права, рече тој.

Пендаровски додаде дека развојот и напредокот на Македонија, воедно и предуслов за младите да останат во својата татковина, во голема мера зависи од условите за работа и современите стандарди на работниците.

Затоа, треба постојано да ги преиспитуваме остварените права на работниците, да спречуваме нивна експлоатација, да размислуваме како да ги унапредиме за да донесеме поголем просперитет. Наша задача е да обезбедиме работниците да го имаат потребното образование и обука, да постои фер третман од работодавачите, да ги отстраниме бариерите за целосно учество на работното место за граѓаните со попреченост. Да се посветиме на обезбедување можности за сите, бидејќи секој работник заслужува почит и има право на достоинствен живот. Честит 1 Мај на сите работници!, нагласува претседателот Пендаровски во порака по повод 1 Мај – Денот на трудот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.