Постоењето на бугарските клубови во земјава не е спорно, но тие  треба да се усогласат со законот за здруженија во однос на нивните имиња, за што течат роковите, вели претседателот Стево Пендаровски.

-Немаме ние потреба да измислуваме начин, затоа што постои закон кој што го донесовме неодамна во нашиот Парламент, со поддршка и на власта и на опозицијата и тоа прилично брзо за македонски услови. Се согласивме околу клучната содржина. Рокот тече, за усогласување во однос на имињата на клубовите, само треба да се почитува законот без да се измислуваат нови механизми за постоење на тие клубови. Тие треба да постојат, меѓутоа треба да ги почитуваат и чувствата на Македонците, на сите македонски граѓани, на сите луѓе кои живеат во Македонија, а најдобар начин за тоа е да дадат имиња на клубовите кои немаат никаква врска со фашистичкото минато, рече Пендаровски на новинарско прашање за коментар за изјавата на шефот на дипломатијата Бујар Османи за бугарските клубови во земјава со контроверзни имиња.

Со усвоените измени на Законот за здруженија и фондации се оневозможува отворање здруженија и фондации чии програми, цели, дејности и дејствувања се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на земјава, кон поттикнување и повикување на воена агресија, како и кон разгорување национална, расна, верска омраза. Веќе регистрираните здруженија, фондации согласно измените, се должни во рок од три месеци од стапување во сила на законските измени, да го усогласат своето име и/или назив, цели и дејности согласно наведените одредби, во споритивно се бришат од Централниот регистар, за што министерот за правда донесува одлука.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.