Истовремено во 50 држави во светот, вклучувајќи ја и Македонија денеска беше пуштена украинската химна по повод одбележување на 24 август – Денот на независноста на Украина. Преку формирање жив синџир, беше поставен светски рекорд за изведување на Националната химна на Украина, во рамки на глобалната иницијатива „The free world gathering“.

Одбележувањето на плоштадот „Македонија“ во Скопје го организираа Амбасадата на Украина во државава и Здружението на Украинци „Лесја Украинка“.

На одбележувањето поддршка за Украина дадоа и амбасадорите на Германија, Соединетите Американски Држави, Холандија, Шведска во Македонија.

Руман Буга, прв секретар во Украинската амбасада во Македонија, порача дека војната во Украина промени се, како и за државата, така и за Европа и за светот.

Да се потсетиме на патот по кој ние Украинците тргнавме и колку успеавме да промениме. Украинците докажаа дека се непобедливи. Им благодариме на сите кои ја покажаа својата сила во ова време, сите кои се бореа и се борат за Украина и им помогнаа на нашите војници. Благодарност и до сите наши пријатели ширум светот за помош и поддршка за Украина, додаде тој.

Олександар Урбановиќ од Здружението „Лесја Украинка“ се заблагодари на Македонија за помошта, опишувајќи ја како „мала земја со лавовско срце“.

Дадовте дури и повеќе од што можевте и никогаш нема да заборавиме. 24 Август за Украинците е најзначаен празник бидејќи независноста е токму тоа за што се бори денес Украина, порача Урбановиќ.

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во денешното обраќањето по повод Денот на независноста вети дека неговата земја ќе се бори против руската инвазија „до крај“ и нема да прави „никаква отстапка или компромиси“.

Инвазијата на Русија врз Украина почна пред шест месеци, а утрово одекнаа експлозии во Харков, североисточниот дел на Украина, како и во централните градови Запорожје и Днепар, соопштија локалните власти.

Украина прогласи независност од СССР на 24 август 1991 година, а нејзината независност е финализирана на 25 декември истата година. Службен јазик во државата е украинскиот, а доминантна религија е православието.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.