По којзнае кој пат, власта го покажа своето вистинското лицемерно лице и лажна грижа кон граѓаните. Имено, во текот на вчерашниот ден коалицијата СДСМ / ДУИ овде во Собранието на Република Македонија го одби амандманот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе значеше линеарно зголемување на платите за сите вработени во јавниот сектор за 2 800 денари. Со измените на Законот за административни службеници кои што владејачкото мнозинство ги турка во Собранието, се предвидува покачување на платите само на службеници со ниво „Г“ на сложеност на работа, а за сите останати покачување на платите, ќе нема. Ова е класична дискриминација, потценување и омаловажување на вработените во јавниот сектор, изјави денеска за медиумите Ели Панова, пратеничка на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Панова додава дека токму затоа, на барање на сите репрезентативни синдикати, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе амандман кој имаше за цел усогласувањето со минималната плата да биде предвидено за сите категории вработени според Законот за административни службеници. Без исклучок.

Но за жал, мнозинството предводено од СДСМ и ДУИ, без око да им трепне, едногласно го одби. Очигледно, СДСМ и ДУИ не сакаат еднакво и правично решение кое ќе ги опфати сите вработени во јавниот сектор. Ова законско решение на СДСМ и ДУИ нема да донесе подобро утре и подобар стандард на граѓаните, туку ќе создаде дополнителни проблеми и зголемување на и онака веќе големата бројка на граѓаните приматели на минимална плата. Дополнително, негативните ефекти од ова законско решение ќе направат дисбаланс на платите во сооднос со сложеноста на работните места, со што уште повеќе негативно ќе влијае на мотивот за работа на вработените во јавниот сектор. На долг рок, последиците од популизмот на оваа власт, ќе продуцираат лоши движења во иднина, а сето тоа ќе го платат и почувствуваат на свој грб граѓаните на Република Македонија – појасни Панова.

Таа бара власта да престане да ја замајува јавноста и да ги манипулира вработените во јавниот сектор со смешни и минимални покачувања на платите во услови кога цените во секоја област вртоглаво растат.

На крајот, упатуваме порака до власта дека и овој пат, сите засегнати со оваа проблематика, почнувајќи од синдикатите, работниците, па се’ до обичните граѓани, ја препознаа неискреноста на оваа ненародна власт и токму затоа со забрзано темпо се ближи денот кога граѓаните ќе ја испорачаат казната за двоецот СДСМ/ДУИ – вели Панова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.