Поранешниот вицепремиер Никола Димитров предвидува национален пораз за Македонија, доколку Владата договорила менување на Устав, без притоа да ги договори прашањата со Бугарија кои ни се клучни важни, како македонскиот јазик.
Во интервју за Еуроактив премиерот Петков најавува дека со премиерот Ковачевски ќе испратат заедничко писмо до Брисел со кое ќе побараат вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав да стане европски услов и за неговото исполнување да гарантира Брисел.
Значи ние самите бараме бугарското барање да стане европско.
Понатаму, Петков зборува за некаква потреба од правна заштита за етничките Бугари кај нас, нешто што веќе е уставно гарантирано за сите македонски граѓани без разлика на нивната етничка припадност.
Ако ова писмо се прати, Владата практично би се обврзала на нешто за кое не е уставно надлежна (измена на Уставот прави Собранието со 80 пратеници) и второ – повторно ние правиме концесија, без притоа да има договор за прашањата што во проблемот со Бугарија нам ни се клучно важни, како на пример – чист македонски јазик во преговарачката рамка.
Ова или води кон целосна победа/пораз договор, или кон отежнување на било каков договор во иднина, бидејќи со оваа тактика јасно е оти ќе останат како нерешени само прашањата што нам ни се суштествени.
Затоа, за овој чекор да има елементарна логика, во најмала рака Бугарија во истото писмо треба да се обврзе дека ќе ја прифати рамката во која за македонскиот јазик нема да има (до)објаснувања, заедно со другите суштински елементи за македонската страна, како што е на пример фактот дека нашето делување во Советот на Европа никако не може да се подведе под мешање во внатрешните работи на Бугарија.
Главното прашање е – дали е тоа обезбедено?
Искрено се надевам дека е така.
Оти без таква гаранција, ова не само што би било исполнување на уште едно нивно барање без никаква возвратна концесија, туку е рамно на национален пораз, вели Димитров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.