Со извештајот на професорот Темелко Ристески од 2020 година е несомнено сторено кривично дело, но поголема одговорност треба да се побара од тие што го плаќале. Ова за „Плусинфо“ го изјави адвокатот Александар Тортевски, кој дополни дека прво треба да се утврди дали Ристески е деловно способен и доколку сè е в ред, тогаш надлежните органи треба да реагираат.

СЈО своевремено покрена постапка против лице кое примало плата од Централен регистар, а всушност работело во Центарот за комуникација на ВМРО-ДПМНЕ и агитирало за партијата. Според мене, нема разлика во двата случаја, додава Тортевски.

Во времето кога спорниот извештај бил поднесен, министерка за одбрана беше Радмила Шеќеринска. Во телефонски разговор, таа за „Плусинфо“ посочи дека не знае ништо за случајот и дека кога таа била министерка сите договори биле во надлежност на државниот секретар во Министерството.

Од Министерството, пак, одговорија дека лицето за кое прашуваме било ангажирано како експерт и со точно наведени конкретни задачи, кои во никој случај не излегуваат од рамката на неговата професионалност како експерт по право.

Согласно договорот, ова лице е ангажирано за советодавни задачи стриктно поврзани со стратешките документи во одбраната, учествувал во изработка на документи продуцирани од експертски работни групи и законски решенија во областа на одбраната. Во таа насока, при исплатата на дефинираниот хонорар, министерството се водело исклучиво согласно извршените задачи кои се наведени во договорот и ништо повеќе од тоа. Договорот не опфаќа ниту една од одредбите наведени во извештајот на експертот кои се однесуваат на неговите лични убедувања, се вели во одговорот испратен од Министерството за одбрана.

Ристески ја потврди автентичноста на испратениот извештај, но демантираше дека тој бил платен од Министерството за одбрана за неговата агитација на социјалните мрежи во пресрет на предвремените парламентарни избори.

Во разговор за БИРН, нагласува дека има „уставно право да има свои лични уверувања“ и дека тоа што го напишал е согласно таквите уверувања.

Јас не кријам дека имам симпатии кон социјалдемократијата, вели професорот.

Ристески е дециден дека „добиените пари од Министерството се исклучиво за стручно сработеното“, кое е содржано во првите две точки наведени во извештајот.

Во нив професорот објаснува за активностите и контактите поврзани со законите за одбрана и за служба во армијата. За следните четири точки вели „мислев дека не е лошо да ги споменам“.

Според податоците објавени на трезор, Министерството за одбрана 14 пати му исплатило на професорот Ристески по 30.000 денари, двапати по 45.000 денари, трипати по 15.000 денари, еднаш 20.460 денари и уште неколку помали исплати.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски рече дека во време кога државата тоне во криза, се нема пари за наставниците и за негувателките во градинки, партиски ботови се плаќаат од министерствата да пишуваат постови и да лајкуваат на Фејсбук.

Ова е повеќе од срамно и ја покажува сета беда на партизацијата на институциите. Затоа имаме можеби повеќе од 30.000 нови вработени во администрацијата, да стискаат лајкови и да земаат плата од буџетот за партиски активности. ВМРО-ДПМНЕ ќе почне правна процедура за случајот со Темелко Ристовски во министерството за одбрана, рече Стоилковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.