Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на прес-конференција во Владата, одговорајќи на новинарски прашања, не кажа дали е пристигнато барање за разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација. Тој само накусо ја објасни процедурата за именување и разрешување министри.

Според Османи, доколку има барање на кој било од коалициските партнери, тоа се адресира до премиерот.

Владата не именува и разрешува, туку Собранието. Доколку има барање на кој било од коалициските партнери, тоа се адресира до премиерот и потоа премиерот носи одлука дали тоа ќе го пренесе до Собранието и Собранието на крај носи одлука за одредени кадровски решенија во Владата. Нашите министри се именуваат и разрешуваат во Собрание. Ако има нешто такво, се информира премиерот и тој е тој што треба да го информира Собранието за таквите одлуки ако има такво барање од некоја партија која е коалициски партнер, истакна Османи.

На прашањето, пак, дали ќе биде кандидат за претседател на државата, одговори дека тоа се партиски одлуки.

Тоа се партиски одлуки, не сме разговарале за ова, нагласи министерот.

Кадровската комисија на Алијансата за Албанците попладнево одлучила да му предложи на техничкиот премиер Талат Џафери разрешување на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и министерот за здравство Фатмир Меџити.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.