Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска беше домаќин на претставниците на земјите членки на ЕУ во Советот на ЕУ надлежни за процесот на проширување и односите со земјите кои преговараат за членство – КОЕЛА (COELA), кои се во дводневна посета на Македонија и одржуваа состаноци со институциите на државата и претставниците на граѓанскиот сектор.
Како што информира МНР, Османи изразил благодарност за поддршката на земјите членки и институциите на ЕУ за влегувањето во новата долгоочекувана фаза од процесот на преговори.
Министерот Османи ја истакнал и високата подготвеност на земјата за успешен и брз преговарачки процес, особено дека државата веќе долго време се усогласува со законодавството на ЕУ и, како што информираат, има завидни 45 проценти усогласеност со законодавството на ЕУ уште пред стартот на преговорите, како и 100 отсто усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Османи, како што се наведува, подвлече дека 100 проценти усогласеност на земјата со ЕУ декларациите и рестриктивните мерки се доказ дека Македонија е доверлив партнер на ЕУ во ова предизвикувачко геополитичко време и нестабилно опкружување.
За време на средбата, министерот разменил видувања со претставниците на Работната група во врска со новиот момент во односите на државата со ЕУ и преминувањето на Македонија во преговарачката фаза и за подготвителните активности во пресрет на одржувањето на првите состаноци со ЕУ во рамките на скрининг процесот кој е предвидено да трае до ноември идната година.
-Ваквото стратешко и одлучно позиционирање има свој социо-економски импакт, особено врз енергетскиот сектор на земјата како и секаде ширум Европа и ќе биде многу важно ЕУ конкретно да манифестира вклучување на земјите од Западен Балкан во механизмите и мерките за надминување на последиците од војната во Украина, изјавил министерот Османи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.