Климатските промени и последиците од нив се фактори што влијаат на зголемување на несигурноста и во крајна линија директно се поврзани со безбедноста во поширокиот регион на ОБСЕ. Затоа е потребно да дадеме политичка поддршка на заложбите на ОБСЕ за нивно ублажување.
Ова го истакна Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи во воведното обраќање на првата ОБСЕ Конференција за климатски промени што денеска се одржува во Виена, соопшти МНР.
Климатските промени не само што создаваат видлива штета врз животната средина, туку нивното сè повеќе видливо влијание се заканува и на стабилноста на нашите општества преку менување на севкупните услови за живот. Војните и конфликтите, руската воена агресија против Украина, дополнително ги влошуваат веќе сложените еколошки околности, рече Османи на отворањето на Конференцијата.
Османи истакна дека потврда дека и во овие тешки времиња ОБСЕ посветено работи на ублажување на негативните ефекти од климатските промени е и назначувањето на Специјален претставник за климатски промени во рамки на Претседавањето на Македонија со ОБСЕ.
Ваквиот нов пристап ќе обезбеди политичка поддршка на заложбите на ОБСЕ за ублажување на климатските промени и нивните последици. Уверен сум дека заедно можеме да успееме во вклучувањето на климатските активности во нашата секојдневна работа преку поттикнување на декарбонизација на нашите економии и градење поотпорни и климатски приспособливи општества, рече Османи.
Претседавачот потенцираше дека политичките определби мора да бидат поддржани со конкретна акција во сите димензии на ОБСЕ и од страна на сите земји-учеснички. Токму затоа Конференцијата е одлично место за споделување иновативни идеи и најдобри практики.
Покрај тоа, ОБСЕ ќе ги стави на располагање своите капацитети за помош на земјите-учеснички за спроведување на иницијативи и проекти, како и за спречување на поврзаните ризици по безбедноста и животната средина, рече Османи.
Во рамки на Конференцијата, Османи ќе учествува и на панелот „Премостување на националната и глобална акција –Регионална соработка за справување со климатските промени“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.