Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета на Ваташа по повод одбележувањето на 80 годишнината од стрелањето на 12-те ваташки младинци од страна на бугарскиот фашистички окупатор, на новинарско прашање за коментар на изјавата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи дека Бугарија не можела да ни поставува нови услови на патот кон ЕУ, истакна дека Бујар Османи нема кредибилитет да преговара за македонскиот идентитет и тоа го покажал многу пати во минатото преку неговите постапки.

За да го коментирам Бујар Османи треба да има кредибилитет. Бујар Османи нема кредибилитет да преговара за мојот македонски идентитет и да ми кажува што мисли и како мисли Бугарија, бидејќи многу пати во минатото со своите постапки, наместо како министер за надворешни работи на Македонија каде мнозинска заедница е македонскиот народ, да покаже основно и елементарно почитување, тој тоа го пропуштил и не само што не покажал туку и го погазил, истакна Мицкоски.

Тој исто така му порача на Османи да го советува новиот бугарски министер за надворешни работи по примерот на германскиот министер Вили Брант, кој клекнал и се извинил за тоа што го правеле германските фашисти во Полска, така и бугарскиот министер да дојде во Ваташа, да клекне и да се извини за злосторствата на бугарскиот фашистички окупатор.

Јас би му советувал на господинот Османи којшто веќе 6 години е дел од оваа влада, а за кратко нема да биде повеќе, да го советува новиот бугарски министер за надворешни работи да земе еден пример од еден министр за надворешни на една европска земја и да дојде овдека на овој споменик во Ваташа, да клекне, да се извини и да побара прочка за тоа што го направил бугарскиот фашистички окупатор во Втората светска војна. Тогаш можеме да седнеме и да размислуваме за било какво простување, за било каква прошка. Еве тоа го има направено германски министер Вили Брант. Клекнал, се извинил за тоа што го правеле германските фашисти во Полска. Може и тој во името на бугарските фашисти да дојде овде во Ваташа, да клекне и да побара прошка за тоа што го правеле Бугарите во Втората светска војна овде во Македонија, потенцираше Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.