Општина Тетово информира дека времето за поднесување барање за обесштетување од невремето на 23 јуни ќе биде до петок (5 јули 2024 година). Сите граѓани кои имаат штети во домаќинства и на земјоделските површини можат да поднесат барање за процена на штета до Општина Тетово. Барањето треба да го подигнат и пополнето да го достават во архивата на општината заедно со имотен лист/доказ за сопственост, фотографии од оштетениот објект, копија од лична карта и копија од трансакциска сметка.

Досега до Општина Тетово има пристигнато околу 160 барања за обесштетување од невремето во тетовско минатата недела. Најголем дел од барањата се за земјоделско земјиште. Десетина барања има за штети врз приватен имот, односно домови, и пет за автомобили. Инаку, штетите на возилата не ги покрива Општина Тетово, туку осигурувањето на возилото. Во однос на штетите на земјоделското земјиште, обесштетување можат да добијат оние земјоделци кои имаат имотен лист за земјиштето, но тука е проблем со оние кои користат и обработуваат земјоделско земјиште под наем, тогаш за да добијат обесштетување тие мора да приложат доказ, односно документ, преку нотар, дека земјиштето им е земено под наем, информираше Милена Вучевска, портпарол на Општина Тетово.

По разгледување на барањата и извршената процена на комисијата, истите ќе бидат доставени на одобрување во Советот на Општина Тетово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.