Основното јавно обвинителство Скопје го изготви Барањето за екстрадиција од Република Турција на Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Министерството за правда, претходно информира дека постапката за екстрадиција е започната и побарале од надлежните турски власти Палевски да биде задржан во притвор сѐ до завршувањето на постапката. Во постапката, како што појасни МП, треба да ги примат списите, да се изготви барање за екстрадиција и сите документи да се преведат на турски јазик, (ОЈО ги преведува своите, а Министерството за правда барањето за екстрадиција), по што барањето се праќа по ДХЛ (претходно по електронски пат преку ИНТЕРПОЛ).

Палевски е осомничен за две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик.

Јавниот обвинител побара од надлежните власти во Република Турција екстрадиција на лицето за кое е распишана меѓународна потерница, а од ИНТЕРПОЛ, Анкара е добиена информација дека на 05.12.2023 година е уапсен во Република Турција. Во прилог на барањето за екстрадиција до турските власти ќе биде доставена комплетната потребна документација – наредбата за истражна постапка против осомничениот, решението со кое од Основниот кривичен суд Скопје му е определен бранител по службена должност и му е одреден притвор, како и наредбата за издавање меѓународна потерница. На турските власти ќе им бидат посочени и применетите одредби од Кривичниот законик во кои е содржан законскиот назив и обележјата на кривичното дело за кое се води истрагата и други релевантни одредби од македонското законодавство, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

Одделението за меѓународна правна помош на Јавното обвинителство на Република Македонија, се вели во соопштението, врз основа на Европската конвенција за екстрадиција со дополнителните протоколи, Договорот за правна соработка во граѓанските и кривичните предмети меѓу Република Македонија и Република Турција и Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, ова барање за екстрадиција итно го достави до Министерството за правда.

Министерството за правда, претходно информира дека од надлежните турски власти побарале Палевски, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, да биде задржан во притвор поради екстрадиција сѐ до завршувањето на постапката.

– Министерството за правда денеска во 09:20 часот доби официјално известување од Интерпол, дека лицето Љупчо Палевски, баран со меѓународна потерница е лишен од слобода во Турција. Министерството за правда ја отпочна постапката за екстрадиција и ги прибира сите документи од институциите кои се потребни за нејзина реалзиација. Направени се контакти со ЈОРСМ и ОЈО Скопје за да се комплетираат уредно списите како би можело Министерството за правда да постапува. Во координација сме со сите засегнати институции за да постапиме веднаш и нема да чекаме да измине рокот од 40 дена за да го доставиме барањето за екстрадиција, стои во соопштението од Министерството за правда.

Како што образложуваат, во постапката треба да ги примат списите, да се изготви барање за екстрадиција, сите документи треба да се преведат на турски јазик, (ОЈО ги преведува своите, а Министерството за правда барањето за екстрадиција) и се праќа по ДХЛ (претходно по електронски пат преку ИНТЕРПОЛ).

Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, вчера беше уапсен во Турција, а за останатите четворица осомничени судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје определи мерка притвор од 30 дена по барање на Јавното обвинителство кое отвори истражна постапка за две убиства на свиреп начин по кривичната пријава добиена од Министерството за внатрешни работи. Ова се последните информации кои вчера ги соопштија надлежните во врска со убиствата на малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.

Како што соопштија вчера од Основното јавно обвинителство Скопје, истражната постапка се води против пет лица, од кои четворица како соизвршители сториле две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин, од кои едно на малолетно лице и едно од користољубие, додека, петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело грабнување на малолетно лице.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.