Скопското јавно обвинителство по допрен глас отвори предмет за недозволеното експериментално лекување на пациенти во приватната клиника „Жан Митрев“ од Скопје, по синоќешната објава на сторијата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).

Од клиниката „Жан Митрев“ реагираат дека станува збор за невистинити квалификации кои се насочени кон намерно нарушување на честа и угледот на болницата, а истите се и вознемирувачки и за пациентите. Тие велат дека се згрозени од тенденциозниот говор на омраза употребен кон нив, како и од неточните наводи, односно фабрикуваните информации кои единствено се насочени кон креирање на лажна слика во пошироката јавност на работата на болницата.

Веднаш по објавата на наведената документарна емисија, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет врз основа на инструментот на допрен глас, предвиден во Законот за кривична постапка. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител кој ќе преземе дејствија за проверка на наводите од кои произлегуваат индиции за кривични дела против здравјето на луѓето, се вели во кусото соопштение од ОЈО Скопје.

Истражувањето на ИРЛ „Нечиста крв“ се потпира на 24 пријави на граѓани од Македонија и од Косово, кои плаќале илјадници евра без да се известат дека се дел од медицинска студија. Документарецот е базиран на сведочењето на семејство чиј член починал во приватната клиника откако добил повеќе интрахоспитални бактериски инфекции бидејќи бил подложен на хемофилтрација. Според Центарот за јавно здравје – Скопје, клиниката „Жан Митрев“ не пријавила појава на интрахоспитални инфекции, иако е законски обврзана да го извести државниот орган.

Очигледно е дека овие лажни информации се креирани со намера за целосно искривување на фактите кои се однесуваат на долгогодишната успешна работа на клиничката болница ‘Жан Митрев’, каде што работат повеќе од 400 стручни и професионални лица под раководство на д-р Жан Митрев“, велат тие.

Според нив, болницата успешно работи за добробит на граѓаните веќе 22 години, нудејќи им услуги сертифицирани по светски стандарди, професионална грижа во насока на подобрување на здравјето, што е докажано во неколку случаи.

Ваквиот пристап продолжи да се применува и во текот на светската пандемија предизвикана од страна на вирусот Ковид-19, во кој период клиниката со многу труд, волја и неизмерно себевложување од своите вработени придонесе за спасување на огромен број човечки животи, велат од Клиниката Жан Митрев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.