Охридскиот регион го задржа статусот светско наследство од универзална вредност, заштитено од УНЕСКО. Како што соопшти Владата, одлуката регионот да остане на листата е соопштена на 45-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, што се одржува во Ријад, Кралство Саудиска Арабија.

Според владиното соопштение, таквата одлука потврдува дека Комитетот ја препознал грижата на Република Македонија за богатото охридско културно наследство и одговорноста кон Охридското Езеро.

Комитетот ги уважи заедничките напори на Република Македонија и Република Албанија за зачувување на престижниот статус на Охридскиот Регион како светско наследство, се наведува во соопштението.

На сесијата во Ријад присуствуваа министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова. Тие упатија благодарност до земјите-членки на Комитетот за светско наследство, кои со донесената Одлука ги валоризирале искрените заложби на Владата на Република Македонија, како и на вклучените експерти, претставници на граѓанскиот сектор, на општините, во преземените активности за зачувување на статусот на Охридскиот Регион.

-Важноста на Охридскиот Регион е немерлива и трајна. Затоа, наша должност е да не го загрозуваме нашиот Охридски Регион, Регионот што светот го препозна и ја верификува неговата уникатност, како едно од 39-те мешовити добра во целиот свет, односно 43-те прекугранични добра, рече министерката Костадиновска-Стојчевска по Одлуката.

Во обраќањето на сесијата, министерката Костадиновска-Стојчевска, нагласи дека во препораките на Комитетот за светско наследство за зачувување на статусот на Охридскиот Регион на листата на УНЕСКО обврските се точно адресирани и дека е потребно целосно внимание од сите во државата, како од централната власт, така и од локалната самоуправа, установите, граѓаните.

Многу работи од препораките ги имаме почнато, но останува нивната целосна реализација. Треба постојано да го имаме предвид фактот дека нашето непостапување по препораките ќе биде причина за впишување на Охридскиот Регион на листата на Светско наследство во опасност, порача министерката Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, оцени дека Одлуката на Комитетот го обезбедува потребното време за натамошните значајни чекори кон заштитата, зачувувањето и одржливото управување со Охридскиот Регион.

Работејќи заедно со Република Албанија, ние сме решени да го направиме управувањето со овој регион пример за соработка, да ги обезбедиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион и да го пренесеме на следните генерации. Заштитата на природата и на биодиверзитетот остануваат наша цел, како што е донесувањето Закон за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природата и нов Закон за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија III – Споменик на природата, соопшти министерката Шукова.

На сесијата на Комитетот на УНЕСКО министерките Костадиновска-Стојчевска и Шукова посочија дека експертски тимови од Македонија и Албанија имаат изготвено Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион со Акциски план, што е значаен чекор во детектирањето и справувањето со факторите коишто имаат негативно влијание врз вредностите на Регионот.

Тоа е и позитивно оценето од страна на Комитетот за светско наследство и е нотирано во Одлуката од сесијата на Комитетот во Ријад.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.