Јавната администрација делумно ќе работи од дома, ова денеска го потврди вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Намалување на прекувремената работа за преку 20 отсто во МВР, во АНБ, како и во Агенцијата за разузнување, работа од дома на вработените со ротации, па дури и суспензија или укинување на колективните договори.

Ова се дел од мерките што биле разгледувани на четиричасовна седница на Економско-социјалниот совет, која беше прекината, откако Владата, синдикатите и работодавачите останаа со спротиставени ставови.

Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски во „Топ тема“ на Телна обелодени дел од мерките и препораките на владата за намалување на расходите на буџетските корисници. Освен мерката за намалување за 10 отсто на платата која што беше единствено соопштена во јавноста, документот содржи уште неколку точки меѓу кои за синдикатот е најспорно укинувањето на колективните договори. Синдикалците и од јавниот и од приватниот сектор предупредија дека сите заеднички ќе се спротивстават на тоа.

На седницата требаше да се донесе и пакетот на мерки за помош на стопанството. Но, владата одлучи тоа да се случи кон крајот на месецот. Државата донесе одлука финансиски да им се помогне само на одредена категорија граѓани. Експертите сметаат дека тоа е во ред, но мора да има и мерки со кои би се забавила инфлацијата.

Шест месеци, посочи Деаноски, немаше седница на Економско-социјалниот совет, во време на најголема финансиска криза во државата, во време на најголема инфлација.

Нема методологија на плати која беше помпезно најавувана и сè уште се најавува, нема за фискални импликации, нема за потпишување на нови колективни договори. Меѓу точките на дневниот ред немаше ниту едно од нашите барања од изминатиот период, изјави Деаноски.

Од Министерството за труд и социјална политика претходно преку соопштение информираа дека во фокусот на седницата биле антикризните мерки на Владата.

На седницата на ЕСС, освен членовите на ЕСС учествуваа и претставници на нерепрезентативните синдикати и бизнис конфедерацијата на Македонија. Покрај редовните точки од дневниот ред, во фокусот на седницата беа антикризните мерки на Владата, како и предлог мерките од страна на социјалните партнери, кои понатаму по нивно допрецизирање, по заклучок на ЕСС ќе бидат доставени на разгледување од страна на Владата, наведе МТСП во соопштение.

Со оглед на актуелните состојби во државата, претседателката на ЕСС и министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на членовите на Советот им изразила уверување дека седниците на ЕСС во периодот кој доаѓа ќе се реализираат зачестено



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.