Уставниот суд ја одржа 31. седница на која се дискутираше по четири иницијативи и одлучи:

1. Реферат У.бр.91/2021

Предметот не го доби потребното мнозинство на гласови за одлучување, што значи останува отворен и понатаму.

Оспорени акти: Одлука за измена и дополнување на ГУП за работна зона „Дуброво – Тремник“, општина Неготино, бр. 07-201/11 од 19.07.2001 година (Службен гласник на Општина Неготино бр. 13 од 2001 година) и Одлука на Општината Неготино бр. 08-76/7 од 14.03.2017 година за утврдување на Урбанистички план вон населено место Дуброво и Тремник (КО Дуброво, КО Тремник), Општина Неготино (Службен гласник на Општина Неготино бр. 3 од 2017 година).

Подносител на иницијативата: Друштво за производство и земјоделие ДУБРОВО ДООЕЛ с. Дуброво, Неготино, претставувано од управителот Љатив Бејаз од Велес, -застапенo преку полномошник адвокат Јованче Цилаков од Велес.

2. Реферат У.бр.14/2023

Не се поведува постапка за оценување на уставноста на Taрифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, што значи дека оспорената Тарифа и понатаму останува во правниот промет.

Подносител на иницијативата: Санде Пејовски

3. Реферат У.бр.35/2023

Се отфрла Одлуката за поставување на спомен обележје-плоча, бр.08-4322 донесено од Советот на Општина Струга на 27.10.2022 година.

Поради интерес на јавноста информираме дека Судот зазема став дека во овој случај не станува збор за пропис кој подлежи на уставно-судска оцена, поради што се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата, согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд. Во овој предмет одлучувачки е што Уставниот суд за вакви прашања веќе има воспоставено долгогодишната практика и го зазема истиот став кој во континуитет се почитува од 1999 година, па досега.

Подносител на иницијативата: Ален Деребан и други граѓани

4. Реферат У.бр.52/2023

Не се поведува постапка за Член 276 став 2 од Колективниот договор на МВР, оспорената одредба останува во правниот поредок.

Подносител: Синдикат на полиција во Македонија

Напомена: Oва соопштение содржи куси информациите поврзани со одлученото на денешната седница. Судот дополнително ќе ги објавува аргументите и целосните одлуки и решенија.

Повеќе објавени информации за иницијативите: https://ustavensud.mk/?p=24643



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.