Премиерот Димитар Ковачевски заедно со владино-црковната делегација денеска во рамките на вториот ден од посетата на Рим и Ватикан по повод чествувањето на светите Кирил и Методиј, ќе одаде почит пред гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе”, каде митрополитите Пимен и Јосиф ќе одржат молебен во чест на Св. Кирил.

По посетата на базиликата „Сан Клементе”, премиерот Ковачевски ќе оствари и средба со претседателот на Советот на министри на Италија, Марио Драги.

Во однос на културно-уметничкиот дел од програмата, вечер во киното „Тицијано” ќе биде прикажан документарниот филм „Медена земја” во режија на Тамара Котевска, чие претставување е на иницијатива од Македонската амбасада во Рим и Асоцијацијата „Жени дипломати” при МНР на Италија (АЦДМАЕ).

Вчера Ковачевски имаше тет-а-тет средба, а потоа и аудиенција кај неговата светост папата Франциск, на која присуствуваа и членови на македонската делегација.

На аудиенцијата кај папата Франциск, како една од централните активности од програмата за чествување на животот и големото дело на Светите Кирил и Методиј, премиерот Ковачевски изрази благодарност за посетата на папата на нашата земја во 2019 година, што беше прва посета на предводник на Римокатоличката црква запишана како историска.

За време на разговорот на средбата со папата Франциск беше истакната улогата на Светите браќа Кирил и Методиј кои со својата мисија да го шират христијанството на јазик разбирлив за словенските народи извршија и мисија на поврзување на народите на Европа. Македонија и Ватикан, беше нагласено на средбата, од воспоставувањето дипломатски односи од пред 28 години, со посветеност и меѓусебно почитување градат пријателство базирано на заеднички историски, културни и верски традиции и значајни ликови како Светите браќа Кирил и Методиј и Света Мајка Тереза.

Премиерот Ковачевски истакна дека на огромно негово задоволство со папата Франциск се согласиле дека поддршката на најранливите наши сограѓани во време на криза е суштината на нашето делување, а почитувањето на разликите како еден од столбовите на градењето на општество во кое има место за сите е пресликана во традицијата на меѓурелигиска толеранција, почитување на разни верски убедувања како и негувањето на слободата и демократијата во Република Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.