Во организација на Сојузот на борците од Тетово, пред Споменикот на Револуцијата, денескa на пригоден начин се одбележаа 121 година од Илинденското востание и 80 годишнината од Првото заседание на АСНОМ.
Во пригодниот реферат, што беше прочитан пред присутните беше нагласено значењето на двата Илиндена за македонскиот народ и за неговата самобитност.
Востанијата и револуциите што ги одбележуваат големите пресврти во животот на народите остануваат во историјата не како наследство и гибел, туку како пораки на желбите, како намери и идеи. На 2-ри Август 1903 година бијат камбаните во Крушево, градот избраник. Бијат точно на полноќ спроти Илинден и го објавуваат отпочнувањето на востанието. Во Крушево се вее црвеното знаме со најпознатата акциома „Слобода или смрт“. 38 години подоцна македонскиот народ повторно се наоѓа во огнот, во фашистичкиот оган. На 2-ри Август се одржува Првото заседание на АСНОМ во манастирот Прохор Пчински. Тоа претставува државно конституирање на Македонскиот народ и народностите во Македонија во состав на југословенската федерација. Македонскиот народ во заедничка народноослободителна борба ги остварува своите вековни стремежи и идеали“, се вели меѓу другото во рефератот подготвен од професорката по исорија Ружица Ристовска.
Пред споменикот на револуцијата делегации од Сојузот на борците, касарната во Тетово, СВР Тетово, политички партии и здруженија положија букети свежо цвеќе. Оваа година на одбележувањето на Илинден немаше претставници од Општина Тетово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.